Достапни линкови

Согласност за примирје до крајот на неделава?


Во Либан денеска е ден на жалост за жртвите во вчерашниот израелски напад во Кана. Во нападот загинаа пеесет и четири луѓе, повеќето жени и деца. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс денеска во Ерусалим изрази уверување дека оваа недела би можело да се постигне согласност за примирје со цел запирање на над дваесет дневните борби меѓу Изреал и герилците на Хезболах.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс денеска пред заминувањето од Ерусалим изјави дека е оптимист оти прекинот на огнот во јужен Либан би можело да се договори во текот на неделава.

„На враќањето во Вашингтон носам со мене консензус за тоа што е неопходно за итен прекин и за долгорочен договор. Сигурна сум дека тоа можеме да го постигнеме оваа недела.“

Изјави Рајс која прецизираше дека ќе побара донесување резолуција, во која, меѓу другото, ќе биде вклучено и формирање меѓународни мировни сили за Либан.

„Врз основа на она што го постигнавме и на итноста на ситуацијата ќе побараме од Советот за безбедност на Обединетите Нации неделава договор составен од три дела: прекин на огнот, политички принципи за догорочно решение и дозвола за меѓународни сили за поддршка на либанската армија во чување на мирот.“

Ова Кондолиза Рајс го изјави по нејзините разговори со израелските власти од кои, како што беше соопштено, издејствувала четириесет и осум часовен прекин на израелските воздушни напади врз Либан кој стапил во сила синоќа. Израелскиот министер за правда Хаим Рамон сепак, денеска изјави дека запирањето на воздушните напади не значи и крај на војната. Тој оцени дека доколку војната заврши сега тоа би значело победа за Хезболах и тероризам за светот со далекусежни последици. До прекинот на воздушните напади дојде откако во ноќта меѓу саботата и неделата во израелски воздушен напад во градот Кана во Либан загинале над пеесет лица, главно жени и деца.

„Не нападнаа со нивните воени авиони во еден или во два часот наутро додека спиевме.“

Изјави еден од преживеаните. По бомбардирањето во Кана, либанскиот премиер Фуад Синиора одби да се состане со Кондолиза Рајс се додека не биде воспоставен итен прекин на огнот. Советот за безбедност на Обединетите Нации синоќа веднаш едногласно изрази крајна шокираност и потресеност од настанот, но во изјавата не се спомнува итен прекин на огнот. Потресени од нападот во Кана и повежето земји во светот ги интензивира напорите за изнаоѓање начини за крај на конфликтот кој, потстетуваме избувна на дванаесетти јули кога герилци на Хезболах заробија двајца израелски војници. Досега, според официјалните податоци, загинаа околу петстотини и четириесет либанци и над пеесет израелци.
XS
SM
MD
LG