Достапни линкови

Тито Петковски, претседател на НСДП. Новото парламентарно мнозинство не носи комоција за владата


Досегашната пракса покажа дека Собранието е еден вид гласачка машина. Се што беше пратено од Владата, поминуваше во Собранието. Се разбира, имаше и исклучоци. Какво е вашето видување? Може ли овој пратенички состав да ја надмине таа состојба?

Искрено речено, многу е неблагодарно да се предвидува како ќе функционира Собранието, а ако гледаме тргнувајќи од досегашното искуство, на овие четири мандати на Собранието на Република Македонија, и начинот на којшто пратениците влегуваа во Собранието. Само да ве потсетам, имавме чисто мнозински изборен систем, па имавме мешовит, па чист пропорционален, искуствата се различни. Според мене, најдобро функционираше првиот состав на Собранието, значи од 90 то 94 година, од причина што ниту една партија немаше мнозинство во Парламентот и бевме упатени едни на други за многу прашања од државен интерес да се усогласуваме. Кога почна првата политичка партиска влада, мислам дека работите тргнаа на лошо. Тогаш започна процесот на послушност на парламентот спрема владата, затоа што во владата по традиција, а така е и сега, како што гледам од предлозите на мандатарот, првите луѓе од политичките партии што ги добиваат изборите се етаблираат во владата. Тогаш објективно пратениците се ставаат во подредена ситуација кон министрите. А, авторитетот на пратениците е ставен под знак на прашање по однос на владата. Гледајќи, низ оваа призма не сум сигурен дека нешто суштествено ќе се промени.

Што треба да се направи за да се надмине доминантната позиција на владата во однос на Собранието?

Мислам дека клучно е да се промени изборниот модел. Пратениците во парламентот да влегуваат и како луѓе со професионален и морален кредибилитет. Ако бидат на мнозинска листа, независно што се кандидати на партии, тогаш ќе имаат малку поголема независност. Сега, пропорционалниот изборен модел профилира практично таков однос на пратениците. Тие се дојдени на партиска листа и обврзани се да ги слушаат партиските ставови и директиви. Мислам дека и во ваква ситуација, ако надвладее чувството кај пратениците дека ги претставуваат граѓаните може нешто суштествено да се промени. Трето, мислам дека сепак независно дали влегуваат на партиски листи, да влегуваат луѓе со повисока полиитичка култура. И четврто, дефинитивно е време, во парламентот да влегуваат економски и финансиски независни луѓе. За сега, луѓето се вработуваат како пратеници, не доаѓаат од решен социјален статус, па да се однесуваат и малку поктитично кон претпоставените во партијата и во владата. Како што гледам сега големо мнозинство луѓе во парламентот доаѓаат со решен социјален статус и се надевам дека им недостасува само елементот политичка култура кој не може преку ноќ да се изгради.

Може ли да посочите случаи во коишто Собранието одлучло поинаку од она што било волја на Владата?

Па, имало такви случаи, но многу ретко. Мислам за волја на вистината, имаше многу често за време на првиот мандат. Тогаш не беше битно на која партија припаѓате, туку дали стоите зад државните интереси.

Какви се вашите проценки за функционирањето на новиот парламентарен состав. Имаме победничка партија со 45 мандати. Може ли да се очекува стабилност?

Тоа воопшто не е сигурно владеење. Не гарантира комотен однос на владата. 45 пратеници не е доволно мнозинство. Парламентот според Уставот работи во постојано заседание и со мнозинство пратеници, со 61 глас. Значи, треба да се промени нешто околу начинот на работа на Собранието. Затоа што, објективно некој ќе се разболи и ќе патува. Од 65 пратеници, она што сега се навестува како парламентарно мнозинство, не гарантира, комотна работа на парламентот, ниту спокојство на владата.

Коментарните во јавноста е дека составот на Собранието останува речиси ист. Како да се надмине таа ситуација?

Па, не би рекол дека составот на пратениците е ист. Инаку, 90 насто е различен составот. Или во пратнеичката група на ВМРО-ДПМНЕ ако имаа седум – осум, сега има 45, тоа се 36 нови лица. Или во СДСМ имате малку лица од поранешниот состав на парламентот. Министрите што беа сега се пратеници. Значи, сепак е тоа нов состав. ДУИ има најхомогена екипа.

По 15 години самостојна Македонија и ваше присуство во парламентот, одлучивте да го напуштите СДСМ и да формирате нова политичка партија. Сметате ли дека сега од оваа позиција ќе може да смените нешто?

Мислам дека имаме шанса да смениме многу брзо некои работи, затоа што она што на јавна сцена го застапуваше СДСМ не беше социјал демократска идеја. Реоторика да, лево ориентација, законите и мерките што ги предлагаше, беа далеку од социјал демократијата. Ние со пратеничката група од седум пратеници сме автентични претставници на социјал демократската идеја.

Што ќе биде првото нешто што ќе го промените?

Ќе дојде до израз интересите на граѓаните, кои очекуваат успех на лево ориентирани политички партии. А, тоа знчи интересите на трудот, работникот, неговата социјална положба. Најважно е во собранието да се промовира вистинска социјал демократска идеја, која тргнува од потребата за зголемено производство, за еднакви шанси на луѓето, за вработеност и стабилни цени. Тоа е суштината на социјал демократската идеја, тоа до сега недостасуваше во Македонија. Во транзицијата се загуби идентификацијата на политичките партии, што е лево што е десно. Па, сега ќе видите во програмата на ВМРО-ДПМНЕ со која победи на изборите, има лева ориентација, залагање за права на работниците, она што треба да го негуваат социјал демократите. Мислам дека сега кога ќе има две партии кои се декларираат како социјал демократски, разликата ќе може да се забележи на јавна сцена.
XS
SM
MD
LG