Достапни линкови

Новата власт ќе прави ревизија на вработувањата


Веќе прерасна во традиција вработувањата во државната администрација и во јавните претпријатија да го потхрануваат партискиот реваншизам на спротивниот политички табор. Армија од луѓе се претвораат во бројки за партиски препукувања а вистината успешно се маскира зад различни законски толкувања.

„За време на поретходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ администрацијата се зголеми за 10 илјади лица. Овој пат, бројот на вработените во државните институции ќе биде помал од денот кога јас станав министер за финансии и не треба никој да се плаши дека администрацијата се ширела или се шири,“

вели Никола Поповски од СДСМ

Во Агенцијата за државни службеници велат дека во последниве месеци ритамот на вработувањата на државните службеници го следел оној од претходните години. Но бројот на вработените со договор на дело што се одвива без конкурс и користејќи ги правните празнини е многу поголем –6000 нови вработувања настанати само по 20 јуни, сметаат во ВМРО ДПМНЕ. Законитоста на овие вработувања мора да се провери, вели Трајко Славевски од оваа партија.

„Со оглед на тоа што стана традиција во предизборието или до фирмирањето на новата власт, онаа власт којашто била на фунцкија да вработува партиски кадри, ние сме должни да направиме ревизија и да ја оцениме законитоста и дали се во согласност со законот за државни службеници.“

Со оглед на практикувањето на локалната власт очекуваме новата власт да ги партизира сите вработувања и служби во текот на нејзинииот мандат, предупредува социјалдемократот Поповски

Легитимно право и обврска на секоја власт во светот е на клучните позиции да постави сопствени кадри кои одговараат и според стручноста за да може да ја спроведе својата програма објаснува Славевски:

„Сега тука ние ќе бидеме суптилни. Значи, за да може да ја спроведуваме програмата, секаде каде што ќе биде потребно ќе поставиме луѓе што се покажале и на работните места.“

Според официјалните информации од агенцијата за државни службеници единственото политичко работно место во администрацијата е работното место државен секретар што го именува Владата.
XS
SM
MD
LG