Достапни линкови

Македонија има кадар, но нема технички услови


Македонските здравствени институции нудат кадар чијшто квалитет може да се спореди со европските земји, но во однос на техничките можности, Македонија е далеку од тие стандарди, велат лекарите. Лошите хигиенски услови, недостатокот на реагенси за работа и старата апаратура во болниците се реалност, со која се соочуваат и пациентите и лекарите.

„Јавното здравство секаде во светот е посиромашно, тоа е јасно. Меѓутоа, кај нас се манипулира и се злоупотребува јавното здравство како заложник на социјалната сигурност на граѓаните. Значи, постои дискрепанца помеѓу професионалните вредности, кадорвските можности и она што државата го прави“

вели проф.др Спасе Јовковски од клиниката за невро-хирургија.

Според неговите проценки, потребни се инвестиции од стотина милиони евра за да се промени сегашната слика во најголемата здравствена институција во земјава, Клиничкиот центар. И граѓаните се револтирани од условите што ги нудат македонските болници.

„Хигиената е катастрофа. Не дај боже да си сместен таму, ќе те изедат бубашваби“
„Катастрофално е тука“.
„Од бубашваби не можеш да се одбраниш“
„Значи, никој не се интересира за тие пацинети. Едноставно, како да се луѓе од втор ред“.


Еден од нашите соговорници, кој неколку години живеел во Германија, се обиде да
ги спореди болниците во Берлин со оние во нашата земја.

„Сосема поинаку е отколку тука. Овде жена ми кога беше во болница никој не ме поучи како да ја негувам, а таму сестрите ме научија како да се негува“

Дали македонското здравство има реални шанси да ги достигне стандардите на богатите европските земји? За министерот во оставка, Владо Димов, ваквата споредба е илузија.

„Доведување на знак на еднаквост, тоа е илузија. Иако разликата меѓу македонскиот и словенечкиот буџет за здравство е осумкратна, тоа не значи дека тие имаат осум пати подобро здравство“

Според др. Јовковски, на Македонија и е потребна сериозна здравствена стратегија,која како што вели нема да наликува на партиска програма.

„До овој момент не е направена сериозна стратегија за развој на здравството, туку се прават партиски програми со кои се манипулира. Второ, има голема корупција – не во здравството, туку во властите, во системот“

Во април оваа година, Владата усвои здравствена стратегија за наредните десет години. Еден од нејзините приоритети е и модернизација на македонското здравство во согласност со европските стандарди.
XS
SM
MD
LG