Достапни линкови

Градот од спомените го нема во реалноста


Четириесетитригодишнината до земјотресот меѓу скопјани ја буди носталгијата за прекинатата традиција во градот на која и пркосат новите фасади. Градот од нивните спомени го нема во реалноста.

„Никола Бадев, пејачот, кога се враќав еднаш, помина баш на оваа улица, овде, пред железничкава станица со велосипед. Еден човек на два саати ќе видев на велосипед и толку, никакви автомобили. Не би рекол дека сега Скопје е модерен град, модерен е спрема нашите услови. Има повеќе згради и коли. Тие што се снајдоа во Титово време се побогати“.

Факт е дека во многу градски маала наместо некогашните ниски куќи, денес архитектите градат големи згради и предимензионирани објекти. Шеталиштата се претворени во врвулици преоптоварени со автомобили, а демографската предимензионираност внесува конфузија, вели историчарот Новица Велјановски:

„Втората фаза на уништување е, мислам, по осамостојувањето на Република Македонија, кога овие објекти што можеа да се зачуваат – или Дебар Маало, или Кисела Вода и некои други објекти – се продаваа под цени, на нив се запишуваа маркички за да може на нив да се градат големи згради. И така се создаде таа урбана мафија, се купуваа тие објекти, се уриваа и се градеа предимензионирани објекти. Всушност, може да се каже дека Скопје малку ја зачува својата историска оформеност или традиција, за сметка на нешто што сметаме дека треба да биде ново“.

Дилемите како овие меѓу луѓето наметнуваат впечаток дека Скопје кое низ историјата во неколку наврати не било поштедено од сеизмички појави, е град што постојано одново се создава. Оние кои веруваат дека градот се неговите жители, оттаму ја црпат смислата за Скопје:

„Она што го паметам беше совршено. Тука, на оваа улица, луѓето шетаа од обете страни. Тоа беше живот“
„За мене лично во Скопје е убаво тоа што има некаков дух на некој голем град каде што нон-стоп се движат луѓе. Тоа мене ме исполнува и се разбира, ноќниот живот. Сега, летно време, се празни градот, но на Скопје не му личи да е празно, мора да има луѓе“
XS
SM
MD
LG