Достапни линкови

logo-print

Решението за идниот статус ќе го наметне меѓународната заедница


Белград прифаќа се освен независност. Приштина не сака ништо друго освен независност. Вака, вчерашните први преговори во Виена меѓу највисоките претставници на Србија и на Косово ги оцени меѓународниот посредник за идниот косовски статус Марти Ахтисари. Евидентно е дека на вакви разговори тешко се постигнува компромис. Ова мислење преовладува и во Приштина и во Белград каде што се согласуваат дека решението за идниот статус на Косово ќе го наметне меѓународната заедница и тоа до крајот на годинава.

Преговорите меѓу Белград и Приштина, поради целосно спротивставените ставови на двете страни за иднината Косово, нема да доведат до решение. Затоа, според косовските политички аналитичари, тоа би било наметнато и дефинирано до крајот на годинава.

„Мислам дека Приштина и Белград ќе се обидат максимално да ги дадат своите ставови, но на крајот меѓународната заедница ќе се подготви за едно наметнато решение.“

Вели политичкиот аналитичар Миљазим Красниќи, додавајќи дека инисистирањето на преговори е со цел само да се види дека позициите на двете страни се спротивставени и оти не може да се дојде до компромис. Историчарот Илијаз Тачи смета дека Белград всушност се противи на решение кое ќе биде постигнато на преговори:

„Делумно може да се разбере дека тие се плашат директно да учествуваат, што на некој начин укажува дека резултатот од преговорите би можело да биде независност на Косово. Имено, тоа може да ги дискредитира нивните политички позиции во Србија.“

Вели Тачи. И српските политички аналитичари не веруваат во можноста двата преговарачки тима самостојно да пронајдат заедничко прифатливо решение за идниот статус на Косово.

„Не треба да се очекува ништо специјално. Без директна интервенција на Контакт групата и на Соединетите Држави тешко може да се очекува напредок во виенскиот процес. Од, друга страна, веќе знаеме, меѓународната заедница не може да се дозволи пораз.“

Смета координаторот на Форумот за етнички односи Душан Јаниќ. За аналитичарот Ненад Васиќ пак, дијаметрално спротивставените почетни сатвови на Белград и на Приштина не мораат да претставуваат некаков проблем:

„Секако, самите преговарачи немаат големи амбиции кога се во прашање резултатите од актуелниот преговарачки процес кој вчера свечено беше отворен. Но, во наредните циклуси на директниот дијалог .можеме да очекуваме позитивен напредок.“

Сепак, и според Васиќ, главниот збор за клучните и најтешки работи ќе го имаат меѓународните посредници. Еден београѓанец кој запрашан зошто воопшто се преговора ако тој мисли дека се ќе биде како што ќе се договорат големите сили вели:

„За да ни биде полесно. За полесно да проголтаме.“
XS
SM
MD
LG