Достапни линкови

logo-print

Израелските копнени сили и натаму влегуваат во Либан


Израелските копнени сили и натаму влегуваат во Либан, потврдија претставници на израелската армија, додавајќи дека нивна цел е градот Бин Џбаил, познат како силно упориште на Хезболах. Продолжуваат и изреалските воздушни напади, но и ракетирањето на милитантите на Хезболах врз градот Хаифа. Меѓународната заедница, се погласна во барањето примирје за да се спречи нова хуманитарна катастрофа. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс е во регионот со порака за итен прекин на огнот, но и со забелешка дека претходно треба да бидат исполнети неопходните услови.

Конфликтот во Либан изгледа дека е далеку од крајот. Тоа се заклучува од изјавите на високи официјални израелски претставници кои деновиве постојано се под притисок на меѓународната заедница за прекин на офанзивата во Либан.

„Ја продолжуваме операцијата. Целта е да се создаде широка политичка платформа. Она што си го поставивме и ќе го постигнеме преку воена операција која ќе биде комбинирана со меѓународни дипломатски напори.“

Вели израелскиот министер за одбрана Амир Перец. Малкумина веруваат дека дипломатијата во овој момент може да даде резултати. Американскиот претседател Џорџ Буш вчера во Вашингтон имаше средба со шефот на саудиската дипломатија принц Сауд Ал Фејсал кој побара од Соединетите Држави да се заложат за прекин на огнот.

„Побаравме примирје и прекин на непријателствата со што би се создале услови либанските сили да го вратат суверенитетот на целата нивна територија.“

Изјави Фејсал. Претседателот Буш смета дека токму за начините да се дојде до тоа ќе биде главна цел на престојот на државниот секретар Кондолиза Рајс на Блискиот Исток.

„Секретарот Рајс ќе разјасни дека за решавање на кризата неопходна е конфронтирање со терористичката група Хезболах и со оние земји што ја поддржуваат. Сирија со години е главниот спонзор на Хезболах.“

Рече Буш. Тоа на извесен начин го повтори и Рајс која додава дека најважно е да се создадат услови за траен и одржлив мир на Блискиот Исток.

„Прекин на огнот би бил лажно ветување кое ќе не врати во статус кво ситуацијата која им дозволуваше на терористите да вршат напади и да ги заплашуваат и арапите и израелците. Тоа само ќе биде гаранција за натамошно насилство во регионот.“

Оценува Рајс. Во меѓувреме, агенциите, повикувајќи се на израелски воени извори, јавија дека изреалската акција во Либан би траела уште десетина дена. Обединетите Нации страхуваат дека ситуацијата би можело да се претвори во хуманитарна катастрофа:

„На околу половина милион до милион луѓе очајнички им е потребна меѓународна помош. Има повредено кои не добиваат соодветен третман. Има десетици илјади луѓе кои се под опсада.“

Изјави координа торот на светската организација за итна помош Јан Егеланд кој го посети Бејрут.
XS
SM
MD
LG