Достапни линкови

Габриела Коневска, претседател на Транспарентност Македонија: Политичката воља е клучна во борбата против корупцијата


Во 2002 та година имавме најави од партијата која тогаш победи –СДСМ, дека ќе имаме сериозна битка против корупцијата. Меѓутоа нивниот мандат заврши, а немаме некакви резултати... Односно само неколку постапки, Амди Бајрам во затвор и сето тоа. Зошто се случува тоа во Македонија?

Точна е вашата констатација, меѓутоа јавноста го кажа своето мислење. Од ЕУ и меѓународната заедница, јасно беа испратени пораките дека треба да престанеме со декларативната борба против корупцијата, што значи дека треба сериозно да се зафатиме со она што следува, односно конечно да се направат издржани случаи. Она што и се случи на Македонија, е практично реперкусија на односот односно на немањето на доволно политичка воља. Што значи сето ова, значи дека прво се земаа случаи кои што се издвојуваа заради партиски интереси, второ се правеа нагодби односно се преговараше по однос на прашањето за правдата, чиј основен принцип е дека по нејзе неможе да се преговара. Она што го посочивте, односно случајот Амди Бајрам, претставува само еден смешен изговор кон она како треба да се настапува во борбата против корупцијата. Не велам дека неговиот случај е занемарувачки, меѓутоа е минорен во споредба со она што како индиции се покажаа во јавноста.

Меѓутоа постојано се кажуваат тие заложби без резултат, значи не беше тоа само во 2002-та, туку и претходно. Значи, според вас, дали вие имате некаков предлог како да се надмине тоа и сериозно да се пристапи кон проблемот?

Основно прашање за борба против корупцијата е политичката воља. Немате ли политичка воља, неможете ништо да постигнете. Доколку челниците на политичките структури, односно челниците на водечките институции немаат сериозни заложби, неможете да имате никаков успех. Вториот елемент е силни институции, односно нивно градење како самостојни и независни за да може да настапуваат по ,,словото на законот,,. И третиот принцип е немањето на селективност, тоа значи дека нема селективност да се настапи по ,,словото на законот,, како за оние што се од спротивната политичка структура, така и за оние што се од вашата политички струкура. Ако и оваа Влада не се заложи, доколку не ги насочи своите сили и стремежи во МВР, во Министерството за правда, Јавното Обвинителство, верувајте дека казната за скоро време ќе стигне и на нејзините врати.

Има веќе некои идеи од ВМРО ДПМНЕ за донесување на странски експерти на некои челни позиции. Колку е тоа возможно во Македонија?

Странската експертиза за Македонија е секогаш добредојдена и ние навистина треба да се радуваме за ова, затоа што сите земји од Југоисточна Европа, од Западен Балкан, оние што се во процесот на предпристапување, земјите апликанти итн, навистина треба да изобилуваат со еден ваков начин на примање на експертиза и мислење од надвор. Јас лично сум заложник за тоа дека треба да дојдат експерти и да го покренат начинот на работата, методолигијата, пристапот кон работата, бидејќи во Македонија навистина недоставува начинот на прибирањето на доказите, исказите, нивната евалуација.

Меѓутоа едно е странската експертиза, а друго е нивно назначување на функција. Колку е тоа правно издржано во Македонија, бидејќи тоа најчесто го има во оние земји што се протекторати?

Неможе да го гледаме тоа толку ригидно. Треба да правиме една сериозна разлика. Назначувањето на експерти што значи: нивно именување да бидат на јавни функции или пак нивно земање да работат по договор. Она што значи земање под договор и понудување на нивната експертиза и досега тоа постоеше, меѓутоа за жал очигледно непокажа многу добри резултати. По однос на второто прашање претпоставувам ме прашувате за онаа информација во јавноста, како една од опциите понудени од новиот мандатар дека во Македонија на местото Јавен обвинител може да дојде странец. Во оваа ситуација незнаете дали е тоа добро или лошо. Јас сум претставник дека ова нема да биде толку лошо за Македонија, можеби еден ваков начин е неминовен, ние имаме сериозен проблем со претходните два обвинители.

Дали е тоа единствен начин да се надмине влијанието на политиката?

Не, туку ова е само една од кариките. Бидејќи Јавниот обвинител неможе како единка самиот да се бори против корупцијата и организираниот криминал, меѓутоа ќе донесе нов стимул, нов дух кои на нашите институции им се потребни. Затоа овој триаголник МВР, Министерството за правда и Јавниот обвинител ќе бидат круцијалните точки во овој синџир за ефикасна борба против корупцијата.

Во спротивно што може да се случи доколку не покажат резултати во најскоро време?

Исто што ја снајде и оваа влада, ништо подобро само што можеби рокот ќе биде многу покус затоа што трпението на граѓаните, а да не речам и кај Европската Унија е ставено под еден голем знак прашалник.

Во изминатиов период бевме сведоци на една несоработка меѓу Јавното Обвинителство и Антикорупциската комисија, колку беа реални тие проблеми?

Тоа беше само показател на едно силно политичко влијание кое што во една изјава многу искрено Јавниот Обвинител ја посочи својата позиција во која што кажа: Јас сум последниот будала што се нафатил на оваа функција, тоа значи дека имаше дискрепанца меѓу политичката воља, почитиката свест, она што реално требаше да се направи и она што го направи Антикорупциската комисија. Јас мислам дека како идеа востанувањето на Комисијата во 2002-та година беше за големо поздравување, меѓутоа беше лошо тоа што оперативно и се одземаа многу од наделшностите, посебно што сега новата струкутра односно новите членови кои ќе дојдат во Антикорупциската Комисија ќе мора само професионално да се занимаваат со оваа работа. Тоа е многу тешко бидејќи материјално ќе зависите од тоа, а во многу земји тоа се независни тела, колективно тело на одлучување, затоа што како што гледате многу од случаите кои ги открија и им направија голема услуга на граѓаните што е она што се случува во Македонија посебно од луѓето во јавната власт. Ако и понатаму продолжи таа несероаботка, меѓу ЈО и Антикорупциската Комисија мислам дека немаме простор за толеранција.

Бројот на кривични пријави покренати од МВР исклучиво за делото корупција е многу мал, поголем е бројот на пројави за делото злоупотреба на службената должност. Зошто толку се зборува за корупцијата, а нема кривични пријави против корупцијата?

Има неколку елементи, првиот е рековме политичката воља, вториот елемент е стручно или непрофесионално не познавање на прашањата и аспектите кои се однесуваат за борбата против корупцијата. Корупцијата е еден суптилен и сезнитивен вид на инкриминација, која ако немате искуство, ако не ја познавате, ако не сте работеле на таа проблематика вие многу тешко можете да ја спроведете. И тогаш е многу тешко да се направи дистнкцијата меѓу корупцијата и службената должност.

Завршија изборите, партиите се обврзани да ги поднесат извештаите за трошоците, казните се зголемени во казнениот законик. Меѓутоа казните беа зголемени и за делот на инцидентите, а бевме сведоци на инциденти во текот на изборите. Што очекувате во делот на извештаите на политичките партии?

Во оној момент кога партиите ќе ги објават извештаите, Транспрентност објави дека во текот на цело ова време во кампањата ги следевме нивните активности. Имаме соработка и со неколку регионални канцеларии кои од терен ни доставуваат податоци за тоа колку потрошиле локалните моќници. Колку сето тоа ќе биде реално ќе видиме, бидејќи за прв пат ќе се направи на еден индиректен начин споредување на финасиите она што е пријавено и она што реално е реализирано. Треба да покажаме една свест, зрелост кон односот на изборниот процес и кон прашањето на граѓаните за отчетност и јавност на работењето на политичките партии.
XS
SM
MD
LG