Достапни линкови

Борби меѓу израелската војска и Хезболах


Борби меѓу израелски војници и припадници на Хезболах на израелско либанската граница, јавуваат агенциите, додавајќи дека судирите денеска биле најжестоки во близина на граничното село Авивим. Во меѓувреме, продолжуваат израелските воздушни напади врз Бејрут, како и евакуацијата на цивилите од подрачјата зафатени со бомбардирање.

Претставници на израелската армија наведуваат дека израелските војници наидуваат на отпор при нивната потрага по бункери и засолништа на милитантанта група Хезболах на граничниот појас со Либан. Од овие позиции Хезболах врши ракетни напади, но и упади во израелската територија, како што бил и оној пред десетина дена кога двајца израелски војници беа грабнати, а неколкумина други убиени. Тоа всушност беше и поводот за жестокиот израелски воен одговор во Либан, чија влада е составена и од членови на Хезболах. Израелските авиони постојано напаѓаат цели за кои се верува дека и припаѓаат на оваа шиитска организација. Така било и синоќа кога било бомбардирано јужното предградие на Бејрут каде што наводно било засолништето на раководството на Хезболах, вклучувајќи го и лидерот Хасан Насралах. Хезболах веднаш соопшти дека при овој напад никој не бил убиен.

„Хезболах демантира дека некој од водачите или од членовите бил убиен во бомбардирањето на зградата во јужен Бејрут за која непријателската армија мислела дека е бункер во кој се крие раководството на Хезболах.“

Го прочита соопштението на оваа група, презентерот на телевизиската станица Ал Манар, која е во сопственост на Хезболах. Поради се позачестеното бомбардирање на Бејрут, почна и евакуацијата на околу дваесет и петте илјади американските граѓани во Либан. Во тамошното пристаниште веќе пристигна бродот на американската морнарица ,,Нешвил,,. Тоа е за прв пат американски војници да влезат на територијата на Либан по дваесет и три години, односно кога герилците на Хезболах кренале во воздух една американска касарна во Бејрут при што биле убиени двесте и четириесет маринци. Во меѓувреме, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк се интензивираат и разговорите за можностите за прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах. Генералниот секретар Кофи Анан денеска треба да го информира Советот за безбедност за состојбата во регионот. Сепак, според последните информации, меѓународната заедница, по се изгледа тешко доаѓа до заедничко прифатливо решение. Вашингтон дури се противи и на предлогот Советот да усвои резолуција за прекин на огнот.

„Идејата само да прогласите прекин на огнот и да верувате дека со тоа ќе се се реши проблемот е премногу проста. Јас, меѓу другото, би сакал да го поставам прашањето како можете да постигнете примирје со терористичка организација.“

Изјави американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон. Со ваквиот став се согласува и Лондон, додека Москва и Париз се на мислење дека примирјето е неопходниот прв чекор за смирување на ситауацијата во регионот.
XS
SM
MD
LG