Достапни линкови

Гласот на јавноста диктиран од политичките партии


Гласот на јавноста е диктиран од политичките партии, независно дали тие се во власта или во опозицијата. Од индивидуална перспектива, тешко може да се влијае, сметаат аналитичарите.

Според Ило Трајковски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, гласот на индивидуалците тешко може да се пробие, бидејќи главен проблем е што кај нас не постојат ресурси кои се независни од партиските извори:

„Ние денеска во Македонија не можете да добиете проект, не можете да добиете да ви се објави книга или да издавате весник, ако не сте блиску до политичките партии. Главното е да може да има ресурси коишто се независни од партиските извори и влијанија. Во интелектуалните кругови да имаме колку-толку понезависни центри на моќ“.

Немањето извори што ќе овозможат финансиска независност, предизвикуваат ситуација во која на јавната сцена преовладува општа мешавина, во која разните граѓански или независни невладини организации и групи имаат повеќеслојни врски со политичките партии.

„Друг механизам за влијание нема, освен преку политичките партии. Но, факт е дека во Македонија имате луѓе коишто менуваа политички партии и денеска се луѓе кои заземаат некои истакнати позиции. Тоа е феномен што го познава светот. Проблемот кај нас е партиите да одлучат во која ситуација ваквите личности им се од полза и колку пак тие како партии се исползувани од таквите поединци“,

вели Трајковски.

Според Ибрахим Мехмети, ниту граѓанските организации не успеале да го положат тестот на независно размислување:

„Политичките партии нив ги третираат како нешто што треба да се искористи во одреден момент, нешто што, најгрубо речено, има еднократна употреба – кога се избори, или кога треба да се поддржи некоја акција на владата. Но, не како еден константен субјект којшто работи континуирано.“

Тоа ги девалвира самите невладини организации и затоа тие се толку слаби во моментот и не можат да ја одиграат својата вистинска улога“.

„За да има јасно профилирана организација, независно од политичката структура, треба да се воспостави праксата од светот, каде државите предвидуваат фондови за постоење ваков вид организации. Се додека тоа не се случи, не може да се случи промена,“

смета Мехмети.
XS
SM
MD
LG