Достапни линкови

Во тек се дипломатски чекори за запирање на крвопролевањето


Израелски авиони изутрината извршија десетици напади врз јужните делови на Бејрут, како и врз бејрутското пристаниште. Притоа, загинале тринаесет, а повредени над пеесетина либанци. Според израелската војска, нападите биле одговор на ракетирањето на Хаифа од страна на милитантната група Хезболах. Во меѓувреме, се преземаат дипломатски чекори за запирање на крвопролевањето. Еврокомесарот Хавиер Солана и тим на Обединетите Нации се во Бејрут, а од самитот на Групата осум е уптен повик за ослободување на двајцата заробени израелски војника и за испраќање меѓународни сили во Либан.

Дури и за Блискиот Исток брзината со која се разгоре последниот судир меѓу Израел и Либан е застрашувачка. Израелските сили веќе неколку дена ги бомбардираат позициите на Хезболах во долината на Бека на југот на Либан и околу главниот град Бејрут. Хезболах одговора со ракетни напади врз Хаифа и врз другите населби во северен Израел. Гинат цивили, се уриваат патишта, централи, згради. Аналитичарите предупредуваат дека сето тоа ја зголемува опасноста од поголем регионален судир во кој би можело да бидат вклучени повеќе земји. Најстрашно, според нив, би бил отворениот судар меѓу Израел и Сирија. За неа и за Иран постои уверување дека се главните финансиери на Хезболах. Бомбардирањето на патиштата и на меѓународниот аеродром во Бејрут, израелските власти го правдаат со наводите дека преку нив Хезболах се снабдува со иранско оружје. Токму тоа на извесен начин се спомнува во изјавата на лидерите на Група осум најразвиени земји во светот од нивниот собир во Санкт Петерсбург. ,,На екстремистичките елементи и на оние што ги поддржуваат не смее да им се дозволи да го турнат Блискиот Исток во хаос,, се прецизира во изјавата, на која и покрај тоа што се повикува Изреал да покаже воздржаност, сепак се гледа како на поддршка на израелците да се бранат.

„Една од интересните работи за ова разгорување е што помага да се разјасни една од главните причини за нестабилноста на Блискиот Исток. Тоа се врските на Хезболах со Сирија и со Иран.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш во Санкт Петерсбург. Сепак, во заедничката изјава од самитот Сирија и Иран не се спомнуваат по име што на извесен начин доведе до несогласувања на релација Вашингтон, Москва која побара докази за наводите на Буш дека тие две земји го поддржуваат Хезболах. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин ја најави можноста од мировни сили во Либан:

„Имаме намера да му се обратиме на Советот за безбедност не само за целосно спроведување на досегашните резолуции за Либан, туку и за да ја разгледа можноста од испраќање меѓународни сили во регионот.“

Изјави Путин, додавајќи дека тој потег би можело да биде преземен само со согласност од сите вмешани страни. За распоредување меѓународни сили се изјаснија и британскиот премиер Тони Блер и генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан.

„Ако не создадеме услови за прекин на насилството, до него нема ни да дојде. Единствен начин е распоредување меѓународни сили.“

Изјави Блер. Претходно, според Анан, е потребен прекин на огнот:

„Мислам дека ние треба да ги натераме страните што е можно поскоро да прифатат прекин на непријателствата со цел да и дадат време на дипломатијата.“

Рече Анан на заедничката конференција со Блер во Санкт Петерсбург.
XS
SM
MD
LG