Достапни линкови

Стојко Стојков ко-претседател на ОМО Илинден-Пирин: Со приближувањето кон ЕУ, Бугарија ќе мора да ги прифати европските стандарди кон малцинствата


Г-дине Стојков неодамна ја обновивте партијата која беше забранета од бугарската држава пред шест години како противуставна. Но, иако сега не е така, сепак во бугарската политичка и интелектуална јавност наидовте на осуда. Зошто?

Тоа е вистина што го кажавте. Ова и мене ме чуди бидејќи во последните 15 години, а и во периодот пред тоа, имаше една засилена пропаганда дека не постои македонска нација, македонско малцинство, јазик итн. Сега, нашата партија се разликува од сите други партии во Бугарија и ние укажуваме, обратно од сите, дека сето тоа постои и тоа ја разбрани политичката јавност.

Обично најголеми проблеми ви прават ВМРО-БНД на Каракачанов и националистичкото движење ,,Атака,,. Имаат ли тие влијание врз државната политика на Бугарија?

Мислам дека е обратно. Значи, не дека тие имаат влијание врз државната политика, туку тие се креација на самата држава. ВМРО беше создадено во 1990 година, со цел тие да се занимаваат со нас, а не државата да се компромитира. Инаку тие немаат некакво влијание во регионот и за нас не претставуваат некаков проблем. Тие се користат за да создадат некоја лажна претстава дека постои општествен отпор против нашето движење, што не е така, и се користат за да создадат инциденти кога е потребно, меѓутоа во тоа не им успева бидејќи нивното членство е мало и покрај тоа што носат луѓе од цела Бугарија и сепак неможат да соберат доволно.

При гостувањето во една емисија на бугарска телевизија изјавивте дека отсекогаш во Бугарија имало македонци. Тешко ли е во таква држава, која поради барање на права бевте окарактеризирани како сепаритисти, да го изјавите тоа?

За мене лично не е тешко, бидејќи јас секогаш сум го изјавувал тоа. Меѓутоа да се изјави тоа во странство, бара и некоја општествена храброст. Сега, ние го кажувавме тоа, меѓутоа немавме можност да го кажуваме на телевизија, во медиуми, но сега се случи едно мало ,,чудо,, па не пуштија и на телевизија.

Како последица на што се случи тоа? Што придонесе за да имате можност да излезете конечно и за прв пат на телевизија?

Јас мислам дека тука два фактори ја одиграа улогата. Дури можеме да ги сведеме на еден, а тоа е Европа. Ние од мај сме членови на Европската Слободна Алијанса, значи дека ние сме една европска партија, а не е лесно една европска партија да биде игнорирана. Второ, Бугарија сега мора да исполнува некои критериуми бидејќи се очекуваат извештаи од Европската Комисија за да можат да влезат во Европа. Самото приближување до Европа и исполнувањето на тие критериуми ја менува и политичката ,,игра,, во земјата. Тоа се тие фактори кои го направија ,,невозможното,, односно да излеземе на Бугарската Национална телевизија.

Во истата емисија и претседателот на Комисијата за заштита од дискриминалција изјави дека постои македонско малцинство, по што експресно беше побарана негова оставка. Г-дине Стојков кој може да ви пружи најголема помош за да не се случува сите кои ќе застанат зад вас, да бидат изложени на вакви напади?

Тоа е малку комплицирано прашање. Знаете, во Бугарија ситуацијата сега е таква, што ниту една партија тоа не смее да го изјави, иако сметам дека сите партии се свесни за реалноста, меѓутоа е создадена таква општествена нетрпеливост што никоја партија не сака да си го ризикува својот авторитет, посебно бидејќи се ближат претседтелските избори. Меѓутоа верувам дека тоа ќе се смени и дека нашата активност, откако ќе бидеме регистрирани, ќе направи луѓето да ја сватат реалноста. Кога обичните луѓе ќе сватат дека тоа е така, како што ние го кажуваме, тогаш мислам дека и партиите нема да чувствуваат таков притисок за да ги подржат нашите ставови.

Имате ли лични притисоци?

Лични притисоци... Има обиди, меѓутоа ништо сериозно. Да речеме има обиди да компромитираат некои од нас, бараат дали има нешто во минатото, меѓутоа ништо сериозно.

До каде е работата со барањето на македонски права?

До нула! Во Бугарија тоа никогаш не било земано за сериозно, сега моментално не сме ниту во позиција да поставуваме некои барања, бидејќи не сме регистрирана партија. Треба прво да се регистрираме, а потоа преку дел од нашата политичка програма ќе бараме сите права кои им припаѓаат на македонците и на останатите малцинства, да бидат добиени според меѓународните стандарди.

До каде е постапката за регистрирање на вашата партија?

Сега сме во етапа, за собирање на пет илјади членови. Законот е доста ригорозен, се бараат пет илјади членови минимум за да може да се регистрира една партија. Тоа треба да го направиме до месец септември, до 25-ти најдоцна, за да не ги испуштиме роковите за регистрација.

Може ли да обезбедите пет илјади членови?

Верувам дека можеме, макар што се гледа дека некои тоталитарни служби во државата посебно службите за безбедност и слични на нив, вложуваат многу напори да не спречат во тоа, плашејќи ги луѓето, а еве сега има и кампања по телевизиите дека ние сме предавници, дека треба да не судат и некои слични квалификации... И мислам дека единствената цел на сето тоа е да се исплашат луѓето да не пристапат во нашата партија и ние да не успееме да собереме пет илјади членови, меѓутоа јас верувам дека и покрај тоа ние сепак ќе успееме да собереме.

Бугарското Обвинителство најави дека ќе ве тужи за настаните на последното одбележување на гробот на Јане Сандански. Што се случи со таа тужба?

Значи се случува тоа што секој пат се случува. Тие тужби немаат некое правно дејство или немаат дури ниту правна смисла. Таму имаше доволно полиција, се беше снимено со камери и доволно беше Обвинителот само да ,,изврши еден телефонски разговор,, и да свати дека ништо не се случува, а тој сепак ја покрена таа тужба врз база на она што го пишуваше во медиумите, а тие за жал секој пат пишуваат повеќе клевети, отколку реални информации. Тоа се случуваше и порано. Таквите тужби служат за да може да се крене уште повеќе ,,прашина,, во медиумите, дека ние сме опасни, дека ќе не тужат итн. Така беше направено и на пописот 2001-та година кога пак не тужеа наводно, ама и таа тогашна служба, а и сегашната одат во ист правец, после едно сослушување, чисто информативно, се става во ,,фиока,, и така завршува, бидејќи нема никаква основа за каква било истрага.

Пред неколку месеци бугарската влада требаше да ви исплати пари по основ на пресуда од судот за човекови права во Стразбур. Ви ги исплатија ли парите?

Да. Државата никогаш не било проблем, за таа да ги исплати парите, сметам дека политиката беше насочена повеќе кон тоа да не се губи време на нашата партија, да биде надвор од политичкиот живот, отколку дека е во прашање некоја сума, бидејќи таа изнесува околу шест илјади евра. А и за нас таа сума никогаш не била толку важна за да можеме политички да дејствуваме.

Каква ви е помошта од Европа и од европските институции?

Мислам дека тоа се гледа и во пресудата од Стразбур, која што има едно големо влијание сега пред регистрацијата на партијата, а и со тоа што Европската Слободна Алијанса испрати две писма до бугарската Влада со барање да се признае македонското малцинство, а се очекува и трето писмо да стигне, бидејќи Владата одолговлекува да одговори, се гледа и по тоа дека еве не пуштија за прв пат и на телевизија да излеземе, така да мислам дека има сериозно влијание, а во иднина ние се повеќе и повеќе, бидејќи сме Европска партија, ќе ги користиме тие патишта на дејствување, за да се создаде една подемократска клима во Република Бугарија.

Бугарската Влада не одговори на двете писма досега?

На првото не, на второто одговори со задоцнување, меѓутоа тешко дека можеме да кажеме дека тоа е одговор. Тоа беше една шаблонска изјава, дека во Бугарија секој има право на се и да се изјаснува како што сака, што ни одалеку не е реално, бидејќи правото на самоопределување носи некои правни последици како што се можноста да се изучува мајчиниот јазик итн, а во случајов такво нешто нема.

Каква ви е соработката со македонските власти? Имате ли подршка?

Неможат да кажам за каква било подршка бидејќи ние не сме соработувале со македонските власти и практично немаме ниту контакти со ниедна македонска партија, единствен контакт имаме со партијата Виножито, во Егејскиот дел на Македонија, со тоа што сме партнери во Европската Слободна Алијанса. Ние сакаме да ги оствариме нашите права овде во Бугарија преку политичкиот ситем.

Како е да се биде македонец во Бугарија?

Мислам дека е тешко. Не дека постои некое физичко малтеретирање, меѓутоа одредена пресија, со самото негирање, или кога некој ќе те нарече македонски предавник, непријател итн... Тоа е доста непријатно, ама сепак ќе го преживееме.

Колку македонци според вашата проценка има во Бугарија, затоа што пописите од вашата партија велеа дека се прилично неточни поради притисоците?

Значи, прво се притисоците и манипулациите кои ги прават резултатите недоволно точни, а второто е во тоа што во последниот попис, графата народност не беше задолжителна и само тие што сакале или инсистирале, само тие биле попишани. Значи со самото тоа е јасно дека тие бројки немаат ништо реално во себе, а да не збориме за заканите за време на пописите, повиците дека се врши пропаганда, дека ќе не тужат итн, што секако има влијание. Можеме само да кажеме дека има многу пати повеќе македонци од тоа што се тврди, сега колку пати, за жал ние немаме начини за тоа да го утврдиме. Нашите впечатоци се меѓу луѓето, каде што живееме и гледаме дека бројката од пет илјади што се поставува како услов е многу, многу подалеку од тоа.
XS
SM
MD
LG