Достапни линкови

Три лица загинати, 40-тина повредени


Во денешните израелски водздушни напади врз Либан, како што јавуваат агенциите, загинале три лица додека над четириесетина други биле ранети. Најмалку пеесетина либански и двајца еврејски цивили се убиени во борбите меѓу израелската армија и милитантите на Хезболах кои пред два дена заробија двајца израелски војници. Ситуацијата на Блискиот Исток денеска, на итна седница, ќе ја разгледа Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Денешните израелски напади имале пред се за цел некои предградија на либанскиот главен град Бејрут каде што се верува дека претставуваат упоришта на милитантниот Хезболах. Сепак, напади имало и врз една електрична централа на југот на Либан, како и врз неколку мостови во околината на Бејрут. Либанската полиција соопшти дека бил бомбардиран и патот Бејрут Дамаск. Вчера Хезболах го ракетираше северен Израел, вклучувајќи го и третиот по големина израелски град Хаифа. Израелскиот министер за внатрешни работи Рон Бар Он денеска се закани дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах наскоро ќе биде убиен. Министерот за правда Хаим Рамон најави дека Израел ќе се бори со истите средства кои Соединетите Држави ги користат против Осама бин Ладен и кои Русија ги користи против чеченските сепаратисти. Европската Унија и Русија за операциите во Либан го критикуваа Израел, додека Соединетите Држави се на став дека земјата има право да се брани, но побараа и воздржаност од израелците:

„Мислам дека тие сфаќаат зошто би требало да покажат воздржаност. Неопходно ни е да му се вратиме на партнерството со народот на Либан на неговиот пат за поголема демократија. Најдобрата можност за мир ќе биде демократијата во Либан и затоа бараме воздржаност од израелците.“

Изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. И шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров побара запирање на борбите:

„Многу сме загрижени од развојот на ситуацијата. Мораме да му се вратиме на преговорачкиот процес. Не е прифатливо некој да зема заложници, но исто така, не е прифатливо да се убиваат цивили додека се обидува да ги ослободи киднапираните.“

Рече рускиот министер Лавров. Смирување на ситуацијата, пред денешната итна седница на Советот за безбедност побара и генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан:

071405



„Ситуацијата е многу опасна и експлозивна и затоа треба да сториме се за да ја смириме. Јас сум во постојан контакт со многу лидери во светот и тие се на истото мислење.“

Изјави Анан. Инаку, до членките на Советот за безбедност Израел испрати писмо во кое се наведува дека го задржува правото на самоодбрана од милитантите на Хезболах кои, како што се додава, се поддржувани од либанската влада. Бејрут тоа го демантира, додавајќи дека не сноси никаква одговорност за последните настани и бара од Советот за безбедност да усвои резолуција за прекин на огнот.
XS
SM
MD
LG