Достапни линкови

Продолжуваат судирите што почнаа вчера


Продолжуваат судирите на израелско, либанската границата кои почнаа вчера. Според последните информации, и на двете страни имало не само воени, туку и цивилни жртви. Западните агенции, повикувајќи се на либански извори, јавуваат дека во израелските напади биле убиени триесетмина, меѓу нив и десетина деца. Во гранатирањето на израелскиот град Нахарија исто така имало убиени цивили.

Судирите на границата меѓу Израел и Либан почнаа вчера откако герилци на либанскот Хезболах заробиле двајца израелски војници.

„Има само еден начин заробените војници да си одат дома. Посредни преговори за нивна размена. Никој на светот не ќе може да ги ослободи без преговори.“

Изјави во Бејрут лидерот на Хезболах Шеик Хасан Насралах за причините за заробувањето на израелските војници. Тоа веднаш беше отфрлено.

„Израел нема да преговара со терористи. Израел ќе ги преземе сите неопходни чекори за ослободување на војниците.“
Рече израелскиот амбасадор во Обединетите Нации Дан Џилерман. Според некои наводи, во вчерашната акција на Хезболах биле убиени и неколкумина други изарелци, по што израелските сили започнале воздушни и артилериски напади врз позициите на Хезболах во јужниот дел на Либан. Токму тоа, како што оцени Насралах, било сосема погрешно:

„Ако израелците мислат дека со воена акција ќе можат да ги ослободат двајцата затвореници, тогаш навистина се во голема илузија.“

Киднапирањето на војниците и нападите на Хезболах официјален Израел ги оцени како воен чин. Премиерот Ехуд Олмерт одговорност побара и од либанската влада која пак, отфрла дека има некаква контрола и влијание врз милитантите на Хезболах:

„Либанската влада, од која дел е и Хезболах се обидува да го дестабилизира регионот. Либан е одговорен и Либан ќе ги сноси последиците за овие акции.“

Изјави Олмерт. Некои од тие последици, според агенциите, се и денешното бомбардирање на меѓународниот аеродром во Бејрут и испраќањето израелски воени бродови во либанските води. Станува збор за воздушна блокада на Либан во екот на туристичката сезона, велат аналитичарите. Израел и Соединетите Држави, освен Либан ги обвинија и Иран и Сирија дека, со нивната поддршка на Хезболах, имаат улога во разгорувањето на насилството на Блискиот Исток.

„Постои оска на терор и омраза создадена од Иран, Сирија, Хеболах и Хамас која се обидува да ги урне надежите за мир во регионот. Светот нема да им го дозволи тоа. Во овие услови Израел нема алтернатива од одбраната на своите граѓани. “

Изјави израелската министерка за надворешни работи Ципи Ливни. Инаку, освен на својата северна граница, израелската армија денеска извршила воздушни напади и во Газа при што целосно било уништено палестинското министерство за надворешни работи.
XS
SM
MD
LG