Достапни линкови

Во Македонија треба да се бараат двајца победници на изборите


Во Македонија треба да барате двајца победници на изборите, не еден. Етничката поделеност на електоратот во земјава, е причината поради која во составот на идната Влада треба да влезе и Албанска партија, сметаат политичките аналитичари.

„Бидејќи етничките Македонци не гласаат за партија која ги претставува Албанците, како што и Албанците не гласаат за партија којашто ги претставува Македонците. А тие се две најголеми заедници и во бројка на избирачи. Значи, кај нас легитимитетот фактички е поделен – треба да дојде од гласачите Македонци и од гласачите Албанци. И затоа владата секогаш е коалициона“

објаснува Дане Талески од Институтот за демократија и граѓанско општество
Инстистирањето на Меѓународната заедница, ДУИ да биде дел од новата Влада е оправдана и со намера да се стабилизира политичката и безбедносната ситуација во земјава, вели Талески.

„Примарен интерес, што доаѓа од сите страни како порака, е Македонија да биде стабилна. Од тој основен мотив се овие нивни инсистирања за ДУИ да влезе во владата, бидејќи ДУИ гарантира поголемо мнозинство во парламентот и со тоа поголема политичка стабилност на новата влада“

Со ова мислење не се согласува професорот Назми Малиќи. Тој со став дека
притисоците од надвор не се потребни, зошто и онака улогата на меѓународниот фактор не успеала да ги спречи изборните нерегиларности.

„И во овие избори меѓународниот фактор, особено во Западна Македонија, немаше коректен однос на проценување и да се стори повеќе да се надминат злоупотребите. И беа надвор од легитимноста на демократските процеси за правилни и фер избори. Ако некој секогаш од страна ќе инсистира каква треба да биде владата, тогаш зошто изборите? Не треба да се гласа воопшто“

изјави Малиќи

Секое коалицирање е природно, но по секоја цена не треба да се инсистира на проширена Влада, во која би влегле и двете најголеми албански партии смета Малиќи.

„Не треба по секоја цена да биде така, затоа што сеоак треба да има една политичка контрола. Албанците во градовите гласаа помалку од 30 отсто, а дел од гласовите се добиени со полнење на кутии во руралните места. Е, тоа е веќе дискутабилно колку таквите партии се легитимни да ги претставуваат Албанците“.

Експертите се согласуваат дека за исполнувањето на обврските кои Македонија треба да ја доближат до Европската Унија, потребни се нови законски решенија а нив може да ги поддржи само и единствено стабилно парламентарно мнозинство.
XS
SM
MD
LG