Достапни линкови

ЕУ сака на самитот да се усогласат клучните принципи за глобалната трговија со енергија


Европската Унија соопшти дека на Самитот на Групата Осум, сака да се усогласат клучните принципи за глобалната трговија со енергија. Шефот на Европската Комисија Хозе Мануел Баросо, кој ќе присуствува на состанокот викендов во Санкт Петерсбург изјави дека договор по ова прашање ќе биде полезен за сите земји членки на Г8. Сепак, тој призна дека е малку веројатно Русија да ги прифати условите на Европската Унија.

Откако Русија изминатата зима настапи со цврста тактика против Украина, Европската Унија бара начин да воспостави глобални енергетски правила со својот главен енергетски партнер. Шефот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо изјави:

„Предизвикот за лидерите на Групата Осум е да се договорат за некои клучни принципи со кои ќе се раководат сите засегнати страни. Тие треба да бидат изградени со взаемна доверба и ќе создадат клима за долгорочни инвестиции, а ќе овозможат и слободно циркулирање на енергијата.“

Русија која годинава претседава со Групата Осум, во која членуваат уште и Германија, Британија, Франција, Италија, Соединетите држави, Канада и Јапонија, глобалната енергетска безбедност ја постави како приоритет на самитот на најбогатите нации. Баросо вели дека разликите со Русија остануваат и понатаму:

„Не, сеуште нема договор. За жал, сеуште нема цврст компромис кај сите партнери и на сите нивоа на Г8.“

Принципите на Европската Унија се дел од така наречениот енергетски договор, што Русија го потпиша, но одби да го ратификува. Европската Унија смета дека тоа значи дека европските компании не може да инвестираат сигурно во Русија се додека инфраструктурата за гас и нафта во таа земја им останува непристапна. Сепак, Баросо ги призна и руските тврдења дека енергетскиот пазар на Европската Унија останува затворен и тежок за влез на надворешни компании. Според него, потрагата по сигурна енергија за Европа мора да значи и отворање на нејзиниот внатрешен пазар. Тој очекува разлики и по прашањето на нуклеарната енергија и повтори дека Европската Унија ќе продолжи да бара начин за диверсификација на снабдувањето со енергија со директно поврзување со земјите од Централна Азија. Претседателот на Европската Комисија Баросо, исто така истакнува дека прашањето на човековите права и овој пат нема да биде одминато:

„Сигурно, ако има прилика ќе го поставиме тоа прашање. И можам да ве уверам дека нашите руски партнери знаат што мислиме, во тоа воопшто не се сомневам. Нашата позиција по ова прашање е јасна и сакам да ја повторам, нема да тргуваме со енергија за човекови права.“

вели Баросо.
XS
SM
MD
LG