Достапни линкови

Италија нов светски првак


Италија е нов светски фудбалски првак. Синоќа во Берлин италијанците ја победија репрезентацијата на Франција со подобро изведување пенали откако, и по продолженијата, натпреварот заврши нерешено: еден спрема еден. Крајот на финалето не го дочека капитенот на французите Зинедин Зидан кој доби црвен картон. Велат дека Светското фудбалско првенство во Германија било едно од најдобро организираните досега.

Италијанските навивачи кои на големи екрани во Рим и во другите градови во земјата го следеа финалниот натпревар на нивниот национален тим со репрезентацијата на Франција еуфорично реагираа на успешно изведениот пенал на Фабио Гросо со кој азурите победија со пет спрема три.

Потоа, Италија скоро цела ноќ ечела од песни, огномети и гласни сирени.

„Ние сме најдобри на светот. Победивме на Светскиот куп. Најдобри сме.“

За разлика од италијанските, француските навивачи имаа зошто да жалат:

„Разочаран сум, бидејќи ние бевме подобри во второто полувреме. Италијанците не направија ништо, а сепак на крајот победија.“

Ова е четврта титула светски фудбалски првак за Италија. Претходно, италијанците слaвеа на првенствата во илјада деветстотини триесет и четвртата, триесет и осмата и осумдесет и втората година. Синоќешното финале ќе биде запаметено и по тоа што еден од најдобрите играчи на турнирот и капитен на француската репрезентација Зинедин Зидан, кој најави дека тоа ќе биде негов последен натпревар, беше исклучен само десет минути пред крајот на продолженијата. Тој доби црвен картон откако, очигледно испровоциран, со глава удри еден италијански фудбалер. Францускиот претседател Жак Ширак во Берлин изјави дека е горд на репрезентацијата и на Зидан и на сето она што тие го постигнале на шампионатот. Црвениот картон на Зидан беше дваесет и осми на првенството што претставува нов рекорд. Најмногу црвени картони, дваесет и два, судиите поделија пред осум години во Франција. Инаку, многумина оценуваат дека Германија во изминатиов месец за време на кој се одиграа шеесет и четири натпревари, организирала еден од најуспешните светски купови досега. Задоволство од тоа што се минало како што треба особено изрази германскиот претседател Хорст Келер кој вчера во Берелин изјави:

„Заеднички прославивме меѓународен фестивал на разбирање на стадионите, по улиците, на плоштадите.“

Домаќин на следното Светско фудбалско првенство во две илјади и десетата година ќе биде Јужна Африка.
XS
SM
MD
LG