Достапни линкови

Ќе успеат ли општините да земат дел од колачот од ЕУ?


Ќе успеат ли општините да земат дел од колачот од ЕУ, што ќе може да го користи Македонија? До сега општините имаа повеќе тренинг обуки како да се подготват, пред се во зајакнувањето на нивните административни капацитети. Драган Тилев од секторот за евро интеграции во владата вели:

„Локалните власти не ќе можат да управуваат проекти директно, меѓутоа, ќе можат да конкурираат во делот пред се на прекугранична соработка. Потоа, ќе можат да користат средства за патна инфраструктура, меѓутоа повторно по коридорите 8 и 10, како и евентуално проекти за развој на човечки ресурси, односно за рурален развој“.

Од ЗЕЛС велат дека ова е добра шанса за локалните власти, првиот човек Андреј Петров вели:

„Треба повеќе да работиме на јакнењето на капацитетите посебно на малите рурални општини, бидејќи се отвораат огромни можности особено за земјоделието и тука треба да се направи напор да се помогне и од страна на државата и да се направат повеќе работилници и обуки“.

Екс претседателот на ЗЕЛС Горан Ангелов, посочува дека на Република Македонија не смее да и се повтори словенечкото и полското искуство:

„Во Словенија и во Полска не ги искористиле максимално сите тие пристапни фондови и баш словенската консултантска куќа со која веќе подолг период работиме буквално ни препорача што подолг период да бидеме земја кандидат и дека тоа е подобро за Република Македонија. Значи, овој статус главно треба да и годи на Република Македонија и сигурно и ние како консултантска куќа, се разбира и државата, и сите инволвирани страни ќе мораат да направат максимални напори, за да бидат подготвени пред се при аплицирањето за да можат да ги искористат овие фондови“.

Ангелов, успехот го гледа во меѓу општинската соработка, односно во заедничкото аплицирање на општините за големи проекти:

„Што е можно поголем број на општини да се здружуваат да работат заеднички проекти, бидејќи дефинитивно Република Македонија има огромен број на нерешени инфраструктурни проекти, но и голем број на проекти од социјалната кохезија“.
XS
SM
MD
LG