Достапни линкови

Парламентарните избори без сериозни инциденти


Македонија за трет пат во изминативе осум години се се соочи со промена на власта. Ова го наведува агенцијата Ројтерс во извештајот за вчерашните парламентарни избори, а по објавувањето на првичните резултати и по брзото признавање на поразот од оние што ги загубија. Светските медиуми оценуваат дека изборите минале без сериозни инциденти.

Изборниот процес, по се изгледа, ќе ги задоволи Европската Унија и НАТО кои побараа тој да биде политички зрел, оценува агенцијата Ројтерс која додава дека изборните резултати сепак би можело да креираат нови неизвесности во земјата која беше зафатена со немири меѓу нејзиното албанска малцинство. Одржувањето стабилна мултиетничка Македонија која е сосед на Косово, протекторатот на Обединетите Нации каде што тамошното албанско мнозинство очекува наскоро да добие независност, е клучот на политиката на Европската Унија за стабилноста на Балканот. Од друга страна, преостанува само уште фицијалната потврда на првичните резултати кои со честитката до лидерот на опозиционата ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски ја искажа социјалдемократскиот премиер Владо Бучковски, наведува Ројтерс потсетувајќи дека социјалдемократите раководеа со три од четирите влади кои ги имаше Македонија од нејзиното осамостојување. Според агенциите, СДСМ бил широко критикуван поради неуспехот да ја подобри поранешната социјалистичка економија парализирана од голема невработеност, ниски плати и мали инвестиции. Исто така се оценува дека токму поради тоа, социјалдемократите не успеале да го искористат како политички капитал промовирањето на кандидатскиот статус на Македонија за членство во Унијата. Груевски пак, токму тука ја водеше кампањата, односно подобрување на економијата и намалување на невработеноста која е околу триесет и пет проценти. Ако сегашните резултати останат и конечни, велат светските агенции, тогаш на ВМРО ДПМНЕ се уште ќе му биде потребен коалиционен партнер за да обезбеди уште шест пратнички места, неопходни за мнозинство во парламентот. Притоа се потсетува дека во македонската политика коалицирањето со албанските партии станало императив. Во овој политички блок, симпатизерите на ДУИ, која е сојузник на социјалдемократите, синоќа со рафали ја прославувале победата врз ривалската Демократска партија на албанците, јавуваат странските медиуми кои сепак оценуваат дека македонските парламентарни избори завршиле без насилство од кое се плашеле и НАТО и Европската Унија, кои како што додаваат, ја предупредиле Македонија дека ова гласање ќе биде најважен тест на нејзиниот прогрес за членство во двете организации.
XS
SM
MD
LG