Достапни линкови

Победа на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ


Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и победи на парламентарните избори, објави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски:

„На овие избори граѓаните покажаа зрелост, донесоа мудра и смела одлука во вистински момент. По вечерашната мала прослава, од утре треба да ги почнеме процедуралните работи за формирање влада. Мора брзо да почнеме да работиме и да ја исполнуваме програмата и она што им го ветивме на граѓаните. Довербата од граѓаните за мене и за моите соработници е огромна одговорност. ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада на сите граѓани на Република Македонија, која ќе се ориенитра кон подигнување на животниот стандард и нема да ги дели луѓето на вмровци и сдсмовци,“

рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност за сите што излегле на гласање без разлика дали гласот го дале за коалицијата За подобра Македонија или не.

„Мораме да ја оправдаме довербата. Ни претстои период на макотрпна работа за подбра Македонија, истакна Груевски потенцирајќи дека изборите биле релативно мирни и фер што е заслуга на сите партии и на сите граѓани. Тоа е предулсов Македонија да се надева на побрз прогрес кон Европската унија што ќе биде приоритет на идната влада. Приоритети ќе ни бидат и борбата за економски напредок, против сиромаштијата и корупцијата. Таа борба нема да биде ни лесна ни едноставна. Одлучни сме во борбата против криминалот и корупцијата и за подобро утре за Македонија,“

изјави Никола Груевски.

Со макотрпна работа и доследност на програмата, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се почувствуваат придобивките.

„Нема успех преку ноќ, не ветуваме чуда и невозможни работи. Ветуваме многу работа, посветеност, чесност и одговорност. Ќе бидеме најодговорната влада на Република Македонија во изминатите 15 години,“

потенцира Никола Груевски.

Претседателот на СДСМ и лидер на Коалицијата За Македонија заедно Владо Бучковски, вечерва изјави дека опозицијата предводена од Никола Груевски освои најголема поддршка од граѓаните.

„Денеска победи Република Македонија. Ние уште на почетокот пред почнувањето на кампањата порачавме дека на крајот ќе бидеме задоволни ако имаме фер и демократтаски избори, ако го положиме овој европски тест и ако Македонија биде во позиција на крајот да се радува. Успехот е дека имавме исклучително добри избори, најдобро организираните досега,“

посочи Бучковски обраќајќи се до граѓаните.

Тој информира дека телефонски му ја честитал победата на парламентарните избори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата За подобра Македонија Никола Груевски.

„На Груевски му посакав што е можно побргу откако ќе го добие мадатот да формира влада. Ако тоа не го направи ние сме тука. Изборите ги закажавме во лето за да не губиме време. Македонија мора да го искористи последниот квартал од годинава за силно да продолжи со реформите и да се приближува кон ЕУ и НАТО. На граѓаните им порачувам дека со СДСМ можат да бидат сигурни дека во Парламентот ќе имаат политичка опција која ќе даде се од себе за приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, порача Бучковски додавајаќи дека СДСМ е голема во успесите, но и оти достоинствено ги поднесува неуспесите.“

Државната изборна комисија вечерва ги соопшти првичните резултати за 36,19 отсто преброени гласови во сите шест изборни единици, каде што одѕивот е 56,42 отсто.

Во првата изборна единица од преброени 35,66 отсто гласови, одѕивот е 54,65 проценти. Коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 10.007 гласови, коалицијата За Македонија заедно предводена од СДСМ 6.438, ВМРО-НП 1.359, ДУИ 4.961, ДПА 3.356, НСДП 2324, ДОМ 1.197 гласови.

Во втората изборна единица од преброени 22,83 отсто гласови и одѕив од 51,59 отсто, коалицијата За подобра Македонија освоила 5.664 гласови, За Македонија заедно 4.306, ВМР-НП 1.245, ДУИ 6.893, ДПА 4.238, НСДП 1.661, ДОМ 472 гласови...

Во третата изборна единица од преброени 39,36 отсто гласови и одѕив 60,71 отсто, За подобра Макеоднија има 18.183, За Македонија заедно 11.252, ВМР-НП 2.943, ДУИ 779, ДПА 115, НСДП 2837, ДОМ 51 глас...

Во четвртата изборна единица од преброени 43,73 отсто гласови и одѕив 66,38 проценти, За подобра Македонија освоила 27.133 гласови, За Македонија заедно 20.072, ВМРО-НП 3.928, НСДП 2.226, ДОМ 827...

Во петтата изборна единица од преброени 40,33 отсто гласови и одѕив од 55,03 проценти, За подобра Македонија има 15.119, За Македонија заедно 10.086, ВМРО-НП 3.919, ДУИ 5.300, ДПА 2.544, НСДП 1.986, ДОМ 395 гласови...

Во шестата изборна единица од преброени 28,97 отсто гласови и одѕив 45,03 проценти, За подобра Македонија освоила 1.564, За Макеоднија заедно 2.450, ВМРО-НП 547, ДУИ 15.374, ДПА 8.140, НСДП 545 гласови.
XS
SM
MD
LG