Достапни линкови

Меѓународниот притисок даде резултат


Изборната кампања е при крај, а последнава недела покажа дека може и без инциденти. Интензивните напори и притисоци од страна на странските амбасадори во Македонија вродија плод, а најмногу, се чини, заканата дека оние што ќе учествуваат во инциденти, нема да влезат во Владата. Но на митинзите на политичките партии продолжија меѓусебните навреди и дискредитации, што исто така вроди плод – се зголеми бројот на неопределени гласачи.

Зад нас е недела без некои покрупни инциденти, па сите се прашуваме дали конечно дадоа плод многуте апели, особено од меѓународните претставници, или е само затишје пред бурата што може да се случи на 5-ти јули. А апели упатија претседателот Бранко Црвенковски и поглаварот на МПЦ господин господин Стефан.

„Не смеат да си играат со толку крупен влог.“
„Само изборите во мир, се вистински избори.“


И странските амбасадори откако видоа дека ѓаволот ја однесе шегата, ги интензивираа напорите за нормализирање на состојбата.

„Дојдов кај нив за да продолжиме со поранешната комуникација и да им кажам дека сум многу задоволна што немаше инциденти од минатата сабота. Го сметам тоа за добар знак, а им сугерирав дека треба да продолжат да практикуваат контрола за да нема веќе инциденти до денот на изборите, за доброто на државата.“

„ќе продолжиме да разговараме и со други политички партии и ќе ги охрабриме да ги спроведат овие избори во фер и демократска атмосфера, бидејќи тие се важни како за граѓаните, така и за Македонија пред Брисел. Наша заложба е сите учесници во изборниот процес да бидат конструктивни и магичниот круг на меѓусебни обвинувања да заврши.“


Изјавија деновиве американската амбасадорка Џилијан Милованович и првиот човек на ОБСЕ во Македонија Карлош Паиш по средбите со некои од лидерите на партиите, а остри беа и реакциите од НАТО и Европската Комисија од Брисел.

Сепак, се добива впечатокот дека странците конечно ја пронајдоа добитната комбинација откако увидоа дека кај нас многу не пали финтата со морковот, односно укажувањето до партиите оти успешно спроведени избори би биле за доброто на Македонија. Затоа заигра стапот, односно заканата дека оние партии кои учествуваат во инциденти нема да бидат во идните власти. А тоа најмногу ги боли нашите политичари и засега најдобро функционира.

Откако стивнаа инцидентите со пукање, фрлање бомби, тепачки и кршење изборни штабови, во преден план излегоа меѓусебните навредувања на кандидатите. Само колку да не им се овозможи на изборните програми да ја преземат главната улога. Едниот велеше дека Црни Бучко се однесува како грогиран боксер, а тој му враќаше дека Пусти Грујо бил арамија и незнајко.

„Како грогиран боксер, прета, мрда, со двете раце каде ќе стигне.“
„Ти не си дораснат да бидеш конкурент на Бучковски, ти немаш знаење. Само прогласениот месија беше најкатастрофалниот министер за финансии.“


И на неколку дена пред крајот на ваквата брилијантна кампања, резултатите не изостанаа

„Процентот на неопределени на последните истражувања драстично порасна,“

Објавија анкетарите од институтот за демократија.
XS
SM
MD
LG