Достапни линкови

Меѓународната заедница повикува на смирување на тензиите


Израел го продолжува притисокот врз палестинците за ослободување на киднапираниот војник. Офанзивата во Појасот Газа продолжува, а претставници на палестинските служби за безбедност соопштија дека израелските сили во Западниот Брег уапсиле 8-мина министри од владата, предводена од Хамас и 20-тина палестински пратеници. Меѓународната заедница повикува на смирување на тензиите и предупредува на можно проширување на конфликтот.

Во акцијата на Западниот Брег, израелските сили уапсиле 64-ца припадници на Хамас, а според портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Марк Регев, апсењата биле изведени поради тоа што Хамас во последниве денови ги интензивирал нападите против Израел. Палестински извори прецизираа дека меѓу уапсените се 8-мина министри и 20 пратеници. Офанзивата на израелските трупи започна вчера во Појасот Газа со цел да биде ослободен војникот што беше киднапиран во неделата. Според очевидци, израелски тенкови се движеле и во северниот дел на Газа. Израелски воени авиони го надлетувале и седиштето на сирискиот претседател Башар Ал Асад како предупредување до Сирија да не ги подржува палестинските милитанти. Обновениот израелско – палестински конфликт предизвика загриженост кај меѓународната заедница. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан изјави:

„Треба да бидеме многу внимателни, не само за да не ескалира конфликтот, туку и да не се прошири. Треба да превземеме внимателни чекори за смирување на тензиите.“

Анан ги повика израелскиот премиер Ехуд Олмерт и палестинскиот лидер Махмуд Абас да работат на смирување на ситуацијата. Портпаролот на Белата Куќа Тони Сноу оцени дека Израел има право да се брани.

„Израел има право да се брани и да ги штити животите на своите граѓани. Соединетите Држави притоа повикуваат на заштита на невините цивили и да не се уништуваат имотите и инфраструктурата. Сите страни треба да превземат мерки за смирување на ситуацијата.“

Сноу додаде дека палестинците ова можат да го решат на едноставен начин, со враќање на киднапираниот израелски војник.
XS
SM
MD
LG