Достапни линкови

logo-print

Состанок на највисоко ниво меѓу претставниците на Косово и Србија?


Во втората половина на наредниот месец во Виена би можел да се одржи состанок на највисоко ниво меѓу претставници на Косово и на Србија, кога ќе почнат и преговорите за косовскиот статус. Ова за Радио Слободна Европа го изјави Хуа Џијанг, портпарол на специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари. Во меѓувреме, косовскиот премиер Агим Чеку се врати од посетата на Соединетите Држави без конкретна подршка за независноста на Косово.

Највисоките претставници на Белград и на Приштина кон крајот на наредниот месец би требало да се состанат во Виена во рамките на почетокот на преговорите за идниот статус на Косово. Подготвуваме состанок на највисоко ниво, изјави Хуа Џијанг, портпарол на Марти Ахтисари.

„Моментално се подготвуваме за така-наречениот самит, за разговори на највисоко ниво, до кој би можело да дојде во втората половина на јули.“

На состанокот би требало да присуствуваат косовскиот претседател Фатмир Сеидиу и премиерот Агим Чеку, како и претседателот и премиерот на Србија, Борис Тадиќ и Воислав Коштуница, додава Џијанг. Инаку, Сеидиу и Чеку неодамна беа во посета на Соединетите Американски држави, каде што од американската администрација не добиле конкретна подршка за бараната независност. Косовските институции треба најнапред да им ги гарантираат правата на малцинските заедници, беше главната американска порака. Косовските лидери имале средба со државниот секретар Кондолиза Рајс од која, како што изјави Агим Чеку, побарале подршка за независноста.

„Им пренесовме дека Косово има потенцијал да изгради и да води држава. Соединетите Држави ја подржуваат нашата визија, но во процесот на разговори за статусот тие побараа повеќе да се залагаме и да го аргументираме нашето барање.“

Изјави Чеку, додавајки дека било побарано посериозно ангажирање во решавањето на проблемот со малцинствата.

„Првото барање беше да ги заштитиме косовските малцинства, и второто барање беше да ги заштитиме малцинствата. Тоа значи дека треба да создадеме услови за враќање на малцинствата, нивна безбедност и достоинствен живот.“

Истовремено, Чеку побарал од американската администрација да изврши притисок врз Србија да не ги блокира проектите што се однесуваат на српската заедница на Косово.
XS
SM
MD
LG