Достапни линкови

Во Данска, 20 години работи центар за рехабилитација и истражување на тортурата


Денеска е Меѓународниот ден на Обединетите Нации за поддршка на жртвите од тортура. Дописникот на Радио Слободна Европа Џереми Бранстен разговараше со Дорит Ри Ајверсон од данскиот центар за рехабилитација и истражување на тортурата. Во последните 20 години, професионалците од оваа организација нудат помош за жртвите на тортура од целиот свет, кои побарале азил во Данска. Центарот исто така врши медицински истражувања и работи на теренот во многу земји со цел запирање на тортурата.

Пациентите на данскиот центар за рехабилитација и истражување на тортурата главно доаѓаат од Блискиот Исток, Ирак, Иран, Авганистан, но има и такви кои доаѓаат од просторите на поранешна Југославија и Африка. Повеќето од овие лица избегале од воената диктатура во своите земји. Тортурата доаѓа во повеќе форми, но психолошките последици се најтешки за лекување, потенцира Дорит Ри Ајверсон, од Данскиот центар за рехабилитација и истражување на тортурата:

„Многу од преживеаните кои доаѓаат во центарот всушност живееле нормален живот во Копенхаген подолго време, справувајќи се од ефектите на тортурата како што знаат и умеат. Многумина од нив се соочуваат со ситуација на „флешбек“, кога сеќавањата за тортурата се враќаат. На овие лица ние им пружаме индивидуален третман, групен третман, како и семејна терапија.“

По нападите на 11 септември, во Соединетите држави има дебата за тоа дали тортурата може да биде оправдана. Администрацијата на претседателот Џорџ Буш трпи меѓународни критики за начинот на којшто раководи со Гвантанамо и испорачувањето на осомничените за тероризам на земји во којшто тортурата се практикува од безбедносните сили. Според Дорит Ри Ајверсон, светот е чекор назад во борбата за искоренување на тортурата:

„Се разбира, она што го видовме по 11 септември претставува удар за кампањата против тортурата. Тоа стана потешко сега. Но, сепак се надевам дека постои притисок и дека постојат земји што се заинтересирани, како на пример Данска, за задржување на прашањето на тортура на меѓународната агенда.“

На прашањето дали е потребна ревизија на дефиницијата за тортура и дали е тешко или лесно да се утврди што е тортура, Ри Ајверсон одговара:

„Конвенцијата за мачење на Обединетите Нации од 1984 година, што стапи во сила во 1986-тата дефинира што е тортура и неа ја имаат ратификувано 141 земја. Според тоа, не е тешко. Но, секако има некои прашања во самата дефиниција што прават потешко да се утврди дали нешто е тортура. Но, сепак, организација како нашата мора да работи со претпоставката дека постои дефиниција и дека тоа е целта за којашто работиме.

вели Ајверсон.
XS
SM
MD
LG