Достапни линкови

Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ: Само со искрено работење на политичките елити, ќе имаме фер и демократски избори


Лидерот на вашата партија Али Ахмети која е на власт веќе четири години, ги избегнува поканите да биде гостин во дебатните емисии. Освен покрај познатото објаснување со проблемите со јазикот, зошто ги одбегнува овие покани?

Па добро, точно е дека има проблем во совлдаување на македонскиот јазик, а да бидеш гостин во една емисија на друг јазик, вон мајчиниот јазик, се разбира дека тој јазик треба да го познаваш добро и да ја познаваш терминологијата. Не само Ахмети туку и ние другите имаме проблеми кога гостуваме во емисии на македонски јазик, бидејќи често неможеме да се изразиме или еве јас лично, неможам да го пронајдам соодветниот термин. Инаку, Ахмети е присутен во медиумите, не е точно дека не е присутен.

Досега албанските партии добиваа на избори со фаворизирање претежно на програма за албанските права, нудите ли овој пат економска програма?

Секако дека ние мислиме дека и понатаму албанците треба да ги добиваат тие права, бидејќи ние сме автохтон народ овде и треба да ги имаме правата што ни следуваат. Секако дека тоа ќе трае уште некоја година. Ние како политичка партија сме свесни дека не само ДУИ туку и другите албански партии, неможат секогаш да го ,,бараат,, гласот од албанскиот електорат само со тоа што ќе бараат права за албанците. Бидејќи албанскиот граѓанин е многу заинтересиран за економскита положба, каква иднина ќе има во оваа држава итн. Секако дека ние ангажиравме наши експерти кои работат на нашата економска програма, која ќе им ја понудиме на граѓаните на Република Македонија. Ние сакаме и во оваа сфера со граѓаните да бидеме пореални и да не им ветуваме дека преку ноќ ќе направиме чуда и дека од Македонија за четири години ќе направиме Швајцарија, напротив мислиме дека ние на економскиот дел ќе му дадеме посебно значење бидејќи граѓанинот сака подобар живот.

Македонското гласачко тело се разедини на повеќе партии, тоа се случи и со албанските партии. ДУИ пак, за овие избори коалицираше со ПДП. Дали тоа се јавува како последица на разединување на електоратот?

Мислам дека не е. Ние бевме во контакт со сите други помали партии. Јас лично сум водел преговори со партијата на Хисни Шаќири, со партијата на Џезаир Шаќири, па и со другите помали партии. Така што ние мислиме дека тие што го бараат гласот од албанскиот електорат, се многу партии и со тоа граѓаните не би можеле да добијат многу, туку напротив тие можат да им ветуваат се и сешто, но реално помалите партии и сега сме на мислење дека не ќе можат да му понудат нешто повеќе на граѓанинот. Токму затоа ние им ,,подадовме рака,, на помалите партии да наприме еден поширок блок на партии кои ќе ги преставуваат интересите на граѓаните. Нормално како ДУИ ние сме заинтересирани што повеќе пратенички места да добиеме во следниот мандат. Така што мислиме дека и кај албанците и кај македонците има многу партии на политичката сцена, а ако се земат нивните програми освен ветувањата, по ништо не се разликуваат меѓу себе. Така што мислиме дека во иднина треба да има помалку партии и поголема внатрепартиска одговорност.

Доколку добиете на овие избори и повторно сте дел од Владата, што ќе биде вашиот највисок приоритет?

Јас веќе реков дека нашиот приорет ќе биде да се завршат законите кои произлегуваат од Рамковниот Договор. Што значи, законот за употреба на јазикот, законот за реформи во полицијата и законот кој треба да ги стави во рамноправна положба сите граѓани кои настрадаа во 2001-та година. Што значи бранителите и припадниците на УЧК и граѓаните кои не биле под униформа, без разлика дали се македонци или албанци, треба да бидат рамноправни бидејќи еден голем дел од граѓаните настрадаа во 2001-та година и тие треба да имаат рамноправен статус што треба да им се обезбеди по институционален пат.

Во јавноста се шпекулира за можни чудни постизборни коалиции. И вие во една ваша изјава не ја отфрливте можноста за коалицирање со ВМРО ДПМНЕ. Што треба да ви биде заедничко со една партија, за да можете да коалицирате со неа?

Па јас прво ќе кажам дека мое мислење дека во Македонија, па дури и на Балканот, ние немаме партии кои се идентификуваат по својата работа не со своите програми, дека се леви или десни. Ние напротив, сеуште немаме такво нешто ни во Македонија ни пошироко. Така што мислам дека таа идеолошка причина не е пречка да се коалицира меѓу партиите во Македонија. Ние едно треба да докажеме, а тоа е дека не треба да гаиме илузии било која политичка партија дека оваа партија ни е стратешки партнер, бидејќи ако кажеме дека е стратешки партнер треба да докажеме што значи тоа. Значи, после 5 јули ние ќе го почитуваме гласот на народот, и тие партии што ќе ги добијат пратеничките места за да можат да коалициираат ние ќе преговарме со сите. Значи без разлика дали се македонски или албански, треба да се почитува гласот на народот и Владите се засноваат не врз стратешки интереси туку да ја водат земјата што подобро и тоа да биде во интрес на граѓаните.

Што е за вас поважно, одржување на фер и демократски избори или ваша победа на изборите?

Секако дека на прво место е фер и демократски избори. Неможе да се каже како второ ние да ги добиеме изборите, туку треба тие работи да одат заедно. Така што ние навистина сме заинтресирани да ги добиеме изборите и да го имаме тој легитимитет од граѓанинот, а не да се случува како што се случуваше.

Според вас што можеме да очекуваме на 5-ти јули?

Ако политичките елити во земјата се искрени во тоа што го кажуваат мислам дека тогаш има услови за фер и демократски избори. Но, ако политичките елити друго кажуваат, друго потпишуваат, а друго работат со своите структури на теренот, тогаш мислам дека тие не се искрени кон оние од кои го бараат гласот и не работат во нивен интерес, бидејќи наш интерес, на сите граѓани на Македонија е интеграција на земјава во НАТО или ЕУ, така што мислам дека тогаш тие политички елити не заслужуваат да го добијат гласот од народот или пак ќе немаат легитимитет да составуваат Влада со фалсификувани избори.
XS
SM
MD
LG