Достапни линкови

Поголема конкуренција за подобри услови за граѓаните


Денеска истекува рокот во кој кабелските оператори треба да побараат градежни дозволи за поставување на мрежата, како и да го легализираат понудениот програмски пакет. Нотификацијата на кабелските оператори значи укинување на концесиите за работа со што се создаваат услови за функционирање на повеќе оператори на едно подрачје, информираат од Агенцијата за електронски комуникации. Според Стево Момировски, управник на еден кабелски оператор, нотификацијата значи техничка легализација на операторите и укинување на монополското однесување на некои од нив.

„Со европските интеграции на Македонија, беше наметнато да се укинат концесиите и монополското однесување и да се зголеми квалитетот за претплатниците.“

Не сите кабелски оператори го делат ваквото мислење. Претставник на еден од конкурентните кабелски оператори вели дека нотификацијата нема да го спречи нелегалното приклучување на некои оператори.

„Баш сега се појавува диво влегување во територии, приклучување, кој каде ќе стигне приклучува, кине кабли и копа. Мислам тоа подоцна ќе го осетат.“

Освен техничката легализација, кабелските оператори треба да ги легализираат и своите програмски пакети во согласност со законот за радиодифузија.

„Во советот за радио дифузија ќе треба да ги упатат договорите за авторски права, кои ќе бидат проследени до Министерството за култура, и дури потоа ќе бидат регистрирани во Советот,“

објаснува Андријана Скерлев-Чакар од Советот за радио-дифузија

Поради бесправното емитување на некои канали, Советот веќе упатил предупредување до некои кабелски оператори. Доколку операторите продолжат со нивно реемитување, ќе им бидат одземени дозволите за вршење на дејност, апелираат од Советот за радио-дифузија.
Иако незадоволни од услугите на повеѓето кабелски оператори, граѓаните ја поздравуваат нотификацијата на истите. Велат дека конкуренцијата ќе го подобри квалитетот на програмата што ја нудат.

„Конкуренцијата е добредојдена.“
„Колку повеќе конкуренција повеќе квалитет.“


Во државата има вкупно 65 кабелски оператори. Оние кои до денеска нема да се нотифицираат, ќе бидат исклучени.
XS
SM
MD
LG