Достапни линкови

Владо Бучковски, премиер и претседател на СДСМ. Економски раст, повисоки плати и пензии


Деновиве и официјално започна изборната кампања, а во полн ек и Светското првенство во фудбал. Претпоставувам дека поради многуте обврски, неможете концентрирано да ги следите фудбалските натпревари. Дали како голем љубител на спротот сега ви е жал што изборите ги закажавте за 5-ти јули?

Иако, сум голем љубител на спортот, посебно на фудбалот, пред се интересите на државата беа во преден план, кога го префериравме првиот регуларен термин за организирање на изборите. Иако неможам да ги следам сите фудбалски наптревари, сепак нашата кампања е така концепирана, да во термините помеѓу трите натпревари се главните изборни активности, така што не треба никој, иако слушавме забелешки од помалите партии, да биде нервозен што паралелно со Светското првенство имаме и изборна кампања. Мислам дека имаме еден добар микс. Оние кои што сакаат да ги слушнат политичарите имаат и време и простор тоа да го направат, но мислам дека доволно добро не познаваат сите нас, предноста на Македонија е што нема некои големи изненадувања на политичката сцена и при овие избори и проценките говорат дека веќе 70 до 75% од оние што ќе излезат на гласање веќе се одлучени за кого ќе гласаат.

Како и пред секои избори се ветуваат, вработувања, нови инвестиции, зголемен економски раст, намалени даноци... Во ,,игра,, се големи пари, од каде ќе се најдат тие?

Ние во овој момент според моја проценка, можеби сум субјективен, имаме најдобра изборна понуда. Тоа е реално, плод на една макотрпна работа што во изминатите четири години, ја направи оваа Влада. Врз основа на сето она што го изработивме, сега реално можеме да процениме дека ги имаме сите предуслови да имаме зголемен економски раст од 5 до 6%. Тоа ќе остави простор и понатаму да продолжи трендот за зголемување на платите, пред се во државната администрација во делот на образованието, културата, здравството и она што посебно сакавме да го истакнеме, оставање можност да дојде до усогласување на пензиите со платите. Затоа што сите проекции што ние ги правевме, говорат дека ќе бидат потребни дополнителни 2 милијарди денари за да дојде до усогласување на пензиите во висина од 10%. Сето тоа, врз основа на договорите што ги правевеме со Сојузот на здружението на пензионерите и го имплементиравме во нашата програма. Тоа што некој посебно од опозицијата се најде погоден и нервозен, не е наш проблем. Мислам дека е крајно несериозно една политичка партија, мислам тука отворено на ВМРО ДПМНЕ која претндира да биде алтернатива на оваа власт, во своите 100 чекори „напред-назад“ никаде да не спомене ниту полу чекор или пола страна за состојбата на пензионерите. Оваа изборна програма иако на некому му заликува дека е популистичка, мислам дека е крајно објективна, реална и го одразува сето она што го имаме во овој момент како реална можност да го на правиме во следните четири години. Дури во некои сегменти имаме и поскромни проекции, од она што во меѓувреме стана реалност, да речеме ветувавме во делот на енергетиката, 600 милиони евра инвестиции за трите нови хидроелектрани и по 200 милиони евра планиравме дека ќе бидат инвестициите во гасната електрана во Скопје и во Неготино. Во меѓувреме за Неготино добивме фантастични понуди. Тоа се нови инвестиции од речиси милијарда долари, тоа не беше ни предвидено и тоа е импулс повеќе да веруваме дека посебно онашто го направивме во овој период, по добивањето на кандидатскиот статуст од страна на ЕУ ќе ги отвори вратите за сериозните инвестиции во нашата држава, конечно.

Што е тоа што толку драстично ќе се смени по изборите, па тогаш да се направат сите овие работи, а не досега да речеме?

Мислам дека во оваа година, ние имаме реално собирање на бенефитот, на сето она што го имамве како политика во изминатите години. Некој вели дека многу проекти коинцидираат во предизборието. Реално, Македонија во изминатите три години беше преокупирана со врвни други приоритети, безбедносната политика, на крајот преминот од економска стабилизација во економски развој и кандидатскиот статус од ЕУ беше онаа пресвртница, што Македонија ја повлече напред. И затоа и ние инспирирани од сето тоа и во изборната кампања одиме со слоганот ,,Македонија напред, а не назад,,.

Македонските граѓани во изминативе 15 години се изнаслушаа разни ветувања, кои главно не беа исполнети. Како ќе ги убедите дека токму вашите ќе бидат исполнети?

Сето она што во изминатиот период го имаме како заедничка доверба, сметам дека ќе ги увери македонските граѓани дека ова што сега го нуди Коалицијата За Макеоднија заедно, е остварлива. Ние можеме отворено да зборуваме за некои нереализирани ветувања од нашата програма во 2002 година, а тоа е во делот на вработувањето. За да дојде до ваков тренд, како што го имаме сега во последните две години, конечно да запре зголемувањето на бројот на невработените, а да има отварање на нови работни места беа неопходни многу предуслови. Да речеме беше јасно дека во источна Македонија имаше градови кои неможат да го решат проблемот со сиромаштијата и невработеноста, ако рудниците се отидени во стечај или ликвидација. Ние успеавме во изминатиов период од четирите наши рудници, да отвориме два, а веќе да се подготвуваат Тораница и Злетово, што реално значи најмалку 2 до 3 илјади нови работни места.

Како Влада имате најголема одговорност за спроведување на фер избори. Дали мислите дека се обезбедени сите услови за тоа и каде можат да се очекуваат евентуално неправилности и дали на т.н. ризични места може да се преземат некои посебни мерки?

Мислам дека за време на изборната кампања, посебно на денот на изборите, поделена е одговорноста помеѓу сите они кои што учествуваат на изборите. Сепак најголемата обврска на денот на изборите ја има Државната Изборна Комисија, нејзината координација со Министерството за внатрешни работи да се одржува јавниот ред и мир, за се да помине во најдобар можен ред. Јас сметам дека сега имаме поволен амбиент, дали ќе издржат сите политички партии со една европска политичка култура да ги завршат изборите, јас иако сум голем оптимист, неможам да гарантирам дека тоа ќе се случи, пред се заради тоа што мислам дека има посебно интенција кај најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ да однапред го суспендира правото на избори и мислам дека најбитно ќе биде за нив, да се соочат со изборните резултати. Јас досега ниту еднаш јавно не ги слушнав дека се подготвени да ги признаат изборните резултати. Нивната самобендисаност или самопрогласениот победник, шест месеци пред изборите, мислам дека ќе се соочи со сериозна реакција, бумеранг-реакција од електоратот.

Дали сте размислувале, по изборите доколку е потребно да коалицирате со некои досега нетрадиционални ваши партнери, па дури и се говори за т.н. широка коалиција во која би влегле вие и ВМРО ДПМНЕ. Колку е тоа можно?

Коалициите ќе се прават во оној момент кога ќе бидат на ,,маса,, познати изборните резултати. Хипотетички сега говориме, ако СДСМ освои според мои проценки, она што е наша цел меѓу 40 и 42 мандати, ќе зависи од тоа колку нашиот традиционален коалиционен партнер од албанскиот политички блок има освоено гласови. Ако тие освојат доволно гласови да направиме сами Влада, тогаш сите комбинации и шпекулации, паѓаат во вода. Но, хипотетички ако не се доволни збирот на гласови, тогаш реално во Република Македонија, поголемата коалиција или по коалицијата што по изборите 2002-та година ја направи СДСМ и ДУИ, реално се е можно. И во Германија се случи тоа, и во Бугарија, значи беа приморани најлутити ривали од изборните разултати да седнат и да разговараат за комбинации кои претходно изгледаа невозможни.

Црна Гора е независна, наскоро најверјатно и Косово ќе биде стане независно, меѓутоа има некакви најави дека и косовски срби бараат автономија, па дури и дека Република Српска сака да биде независна. Дали мислите дека ваквиот бран на независност може да заплисне и до нас?

Не, мислам дека првична реакција која следеше во Република Српска, по добивањето на независност на Црна Гора, беше само еден неуспешен маневар. На сите им јасно, мислам дека е јасно и во Белград, дека неможе да дојде до промена на принципот неменување на граници. Значи и кога се разговара за евентуалниот финален статус на Косово, се разговара за статус на поранешната Покраина, автономна покраина Косово, како дел од Србија, односно како дел од поранешна СФРЈ. Значи било каков принцип кој би имплицирал дека евентуалната независност на Косово значи можност за самоопределување, до отцепување на србите во Босна и Херцеговина или нешто слично за косоварите во Прешевската долина или ако одите до крај за некоја Илирида, како идеа која постоеше во минатото во Македонија, мислам дека се веќе истрошени приказни кои немаат реална политичка подлога на ова тло.
XS
SM
MD
LG