Достапни линкови

Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Подобра економија како основа за решавање и на други проблеми


Кампањата ја темелите врз економијата. Дали затоа што своевремено бевте министер за финансии или можеби затоа што луѓето денеска најмногу сакаат да слушаат за економија?

Тоа е затоа што граѓаните во оваа држава најмногу патиме од економските проблеми. Од сиромаштијата, од невработеноста, од бегството на домашните и странските инвеститори од Македонија. Така што, сакале или не, тоа е главна тема. А, ако имаме силна економија, ќе имаме и посилна безбедност, посилна надворешна политика, силно здравство и многу посилна фудбалска репрезентација. Така што, на некој начин се е поврзано со економијата.

Колку е остварливо она што го најавувате во економската програма?

Се што најавуваме во програмата е остварливо, ништо што сме напишале не е неостварливо.

Еве конкретно, велите, економски пораст од шест до седум насто. Колку е тоа остварливо? Може ли да се случи криза ако не се достигне тој раст?

Дури и да не се оствари 6 насто, и да биде 5,5 насто, нема да настане криза. Значи, ние цениме дека ако навреме ги имплементираме овие мерки, а убеден сум дека навреме ќе ги имплементираме, убеден сум дека во Македонија може растот да биде 6 насто, а и 8 насто, зошто да не? Таквите растови ги има во многу држави во Централна и Источна Европа. Тоа не е невидено и недостижно. Не треба да се плашиме и да бегаме од тоа. Треба што е можно побрзо да ги спроведеме сите реформи во Македонија, за да дојдеме до таква позиција.

Не мислите ли дека станувате арогантен со приближувањето на датумот на изборите кога велите дека добредојдени се оние што сакаат да коалицираат со нас, а ако не можеме да одиме и сами на избори?

Знаете што, работите во Република Македонија се изменети. Овој пат, на изборите победува ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е само слика од рејтинзите и анкетите, туку и слика од секојдневното живеење и она што се случува во Македонија и целата атмосфера. ВМРО-ДПМНЕ имаше коалиција од 16 партнери, и сакавме сите да ги задржиме, но не по секоја цена. Понудивме одредени услови, најголемиот дел од нив ги прифатија, една партија не ги прифати и нема ништо страшно во тоа, тоа е политиката. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата партија во таа коалиција, партија со која сите партии поединечно имаат направено договор и нормално е ние да нудиме услови и да сме главен преговарач. Тука нема ароганција, туку позиција. На сите им понудивме, по наше мислење и повеќе отколку што би освоиле кога би оделе сами на избори. Сакавме да имаме победник – победник ситуација. И тие и ние да бидеме задоволни.

Сметате ли дека политичката сцена е неизвесна поради поделеноста на големите партии и во таа смисла со кого пост изборно би коалицирале?

Расцепканоста на политичката сцена во Македонија не е нова работа. Сега само повеќе се зборува. Инаку, Македонија подолго време има 50-60 партии, така што, две три повеќе не менува многу. Сеуште има два силни блока со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, неколку сателити околу нив и многу мали партии коишто си имаат свое значење, влијание, важност...

Ќе остане ли ДПА како традиционален коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ или тука е отворена можноста и за коалицирање со други партии?

Наша цел е да останат. Ние имаме традиционална соработка со ДПА. Тие во последниот период многу прогресираат во собирање повеќе приврзаници во албанското гласачко тело, така што веруваме дека ќе имаат и успех на изборите.

Кои други би можеле да дојдат предвид?

Ние работиме на тоа на изборите да победиме со 61 пратеник. Тоа не е лесна работа, но не и неостварлива.

Дали како варијанта останува и коалицирањето со СДСМ и што мислите за онаа теза присутна во јавноста за формирање широка коалиција?

Тоа е теза за последна надеж за гласачкото тело на СДСМ и ја пушта самиот СДСМ. Дека еве, може да се учи, да бидат резултатите тесни и ВМРО-ДПМНЕ да мора да коалицира со СДСМ. Јас не очекувам нешто такво да се случи. Јас очекувам победа со 15 пратеници разлика во наша полза, наспроти СДСМ. Во една таква консталација нема да има потреба од СДСМ. И не е добро да се има таква коалиција, кога нема потреба, затоа што обично таквите коалиции вршат бавни реформи. Погледнете ја Бугарија. Тие беа принудени на таква коалиција, работите одат десет пати побавно.

Има ли политичка нужност за коалиција со ВМРО-Народна или можеби желба?

Знаете што, ВМРО-Народна во овој период е премногу блиска со СДСМ. Тие се во секојдневен контакт и имаат заеднички проекти во парламентот, заеднички гласаат за повеќето клучни прашања во парламентот, заеднички не непаѓаат, така што прилично е тешко да се зборува за една таква варијанта.

Што за вас е поважно, победата на ВМРО-ДПМНЕ или одржување фер и демократски избори?

За мене е поважно тоа што е од национален и државен интерес, а тоа се фер и демократски избори. Јас не се сомневам во победата и немам страв во тој правец. Имам мал страв во однос на фер и демократски избори, дали СДСМ ќе издржи до крај да остане доблесна на тоа што го ветува. Но, под ваков притисок и мониторинг од меѓународната заедница, мислам дека нема да имаат простор да го прават тоа што често пати го правеле. Значи, кога е во прашање СДСМ никогаш нема да спијам мирно за фер и демократски избори. Ние до крај ќе бидеме со добро отворени очи по ова прашање, но сепак, многу повеќе ќе бидам оптимист одошто песимист по ова прашање. Дури и да се случат такви нешта, ќе има жестока реакција и најголем губитник ќе биде СДСМ.

Кој ќе ја финансира кампањата на ВМРО-ДПМНЕ?

Нашата кампања ја финансираат и ќе ја финансираат членови, симпатизери, поддржувачи, физички и правни лица коишто сакаат да дадат одредена своја донација. Можам да ви кажам дека сум изненаден дека во последните 20-30 дена доаѓаат и луѓе коишто не ги познаваме, и велат сакаме да помогнеме во финансирањето на партијата, не бараме ништо за возврат, сакаме само да паднат овие од власт, затоа што не оди ниту бизнис, ниту се чувствуваме слободни. Така што, нема некој крупен, туку многу помали.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ја менува националната идеологија на изборите, затоа што, велите дека одите со економија овој пат?

Кога станува збор за национални проблеми, ВМРО-ДПМНЕ е прва да реагира и да се бори за националните прашања. Но, денеска граѓаните на Македонија се борат за економско преживување. Многу работи може да се подобрат со економијата, но концентрацијата за економијата е многу важна за нашиот народ сега.

Што е со другите проблеми, како Косово и проблемот со името со Грција?

Косово е пред се работа што ја прави меѓународната заедница. Тука Македонија треба да биде активна, во смисла на следење и да не се случи одлука што ќе ги задира нашите интереси. Јас сум тука оптимист дека целата работа ќе се заврши добро. А, што се однесува до името, останувам на ставот дека Република Македонија има уставно име, а проблемот го има Грција. Нашиот проблем може да биде само кога ќе влегуваме во ЕУ, па може малку да не кочат, па ако ни требаат шест години, може да не закочат да бодат седум или осум. Уставното име не може да се менува. Ние сме подготвени да ги продолжиме преговорите во Њујорк, да ја продлабочиме комуникацијата со Грција, на било кое ниво. Но, мислам дека и Грција сфаќа дека уставното име не може да го променат.
XS
SM
MD
LG