Достапни линкови

Има ли кампања пред кампања?


Има или не кампања пред кампања е главната дилема на пет дена пред официјалниот почеток на изборната кампања. Иако големите партии велат дека сите активности што веќе наголемо ги реализираат, им се вообичаени и оти постојано ги практикуваат, сепак има забелешки дека станува збор за предвреме започнато недозволено агитирање.

„Не треба да се води кампања, надвор од предвидениот период.“
„МОСТ апелира да се почитуваат одредбите од изборниот законик, посебно членот што го регулира времетраењето на кампањата,“


изјавија Мирче Адамчевски претседател на Советот за радиодифузија и Славица Билјарска од невладината организација МОСТ. Но, освен апелите за почитување на законите, повеќе не може да се стори, бидејќи

„Изборниот законик тоа прашање не го регулира и не предвидува санкција за предвремено почната изборна кампања, што е дупка во законот,“

вели Михајло Маневски претседател на државната антикорупциска комисија. Во меѓувреме течат и последните подготовки за митинзите во рамките на кампањата

„Имаме планирано само 10 големи митинзи, од оној тип што порано сме ги правеле,“

најавува Ило Илоски од СДСМ. Сличен настап ќе има и ВМРО ДПМНЕ, затоа што:

„Мислиме дека овој начин на кампања ќе донесе плод и ќе биде зачинет со заедничко гледање фудбал со нашите симпатизери.“

вели Антонио Милошоски, со што потврдува дека изборите овојпат ќе се одвиваат во дебела сенка на фудбалскиот мундијал. Партиите од албанскиот политички блок, пак, засега немаат некои позабележителни активности, освен прославата на годишнината од формирањето на ДУИ и презентацијата на економската програма на ДПА пред синдикалците. Како и да е, иако сите партии најавуваат позитивистички пристап, ако денот по утрото се познава, може да се претпостави дека не очекува остра кампања полна со ниски удари,. Но и покрај се, и власта и опозицијата го дефинираа заедничкиот непријател, а тоа е кариесот. Имено, СДСМ вети бесплатно овошје за децата во училиштата, а со истата цел, здрави заби, ВМРО ДПМНЕ најави повеќе флуор во водата за пиење.
XS
SM
MD
LG