Достапни линкови

Привилегиите не значат ништо доколку не се подобри севкупната бизнис клима, сметаат експертите


Турскиот иневеститор Рахми Коч го купи замјиштето на кое денес се наоѓа трговскиот центар Рамстор по цена од околу 25 евра, Силмак и Фени пак користат поевтина струја, а привилегии се најавени и за инвестицијата на американскиот Џонсон Контролс. Владата со цел да привлече странски инвеститори се одлучи да им дава одредени поволности. Ваквите мерки наидоа на критика од страна на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која десет дена правеше анализа на економската состојба во државава. Нивното објаснување е дека ваквите шеми не се покажале како успешни досега.
Филип Блажевски од Центарот за економски анализи смета дека бенефициите кои ги дава Владата како еднократки решенија неможат да имаат позитивен ефект затоа што, како што вели, прво треба да се подобри севкупната неповолна бизнис клима:

„Овие бенефиции се парцијално решение кое што не е долгорочно и не ги решаваат главните проблеми со кои странските инвеститори ќе се соочат кога ќе инвестираат во Македонија, како губење на многу време, а со тоа и пари преку работа со неефикасна администрација, неефикасен даночен систем и големо ниво на корупција, заедно со недоволно развиен пазар на труд и пазар на финансиски документи.“

И од Сојузот на стопански комори со сличен став дека се потребни поволности откако ќе се среди бизнис климата. Претседателот Венко Глигоров предупредува дека треба да се внимава и на нелојалната конкуренција која може да ги загрози домашните фирми:

„Сме за давање на поволности меѓутоа ако се успешни светски странски брендови, а ако се тукашни регионални брендови тие најчесто прават нелојална конкуренција на домашните инвеститори. Исто така ние сме за да нема различен третман на домашни и странски фирми, ако се работи за ниво на фирми приближно како нашите.“

Минатата година во Македонија беа инвестирани околу 120 милиони американски долари преку трговскиот центар Рамстор, продажбата на плацот спроти Народна банка на Веро и изградбата на деловниот центар на Скопски саем. Од почетокот на оваа година од поголемите фирми продадена е само Електростопанство Дистрибуција за која австриската ЕВН плати 225 милиони евра.
XS
SM
MD
LG