Достапни линкови

Партиите најавуваат комбинирана и позитивна кампања


На само една недела пред официјалниот почеток на изборната кампања, партиите велат дека ќе водат комбинирана и позитивна кампања. Тоа, објаснуваат нивните претставници, значи дека гласовите на избирачите ќе се обидат да ги придобијат со митинзи, со директни средби со граѓаните и со рекламни спотови:

„Имаме планирано само десет големи митинзи од оној тип што и порано сме ги правеле. Паралелно со тоа ќе тече медиумската кампања, имаме во план да снимиме неколку видео спотови и нормално рекламни пораки што ќе се пуштаат во печатените медиуми.“

Вели Илија Илоски, шеф на изборниот штаб на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната кампања ќе се одвива во три дела:

„Првиот е директен контакт со граѓаните, вториот дел е рекламен дел на кампањата и третиот ќе биде дел каде што политичката партија или носителите на листите се претставуваат преку пишаните и електронските медиуми.“

изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Демократската унија за интеграција вели дека акцентот ќе го стави на директни разговори со гласачите:

„Ќе направиме распоред да бидеме присутни на сите места каде што сметаме дека имаме гласачи, за да можеме преку директен разговор да ги убедуваме да гласаат за нас.“

изјави Теута Арифи од ДУИ.
И од Демократската партија на Албанците, велат дека се подготвени за официјалниот старт на кампањата. И оваа партија се одлучила за комбиниран начин на водење на кампањата:

„Ќе имаме митинзи и средби со формални и неформални групи како што се бизнис асоцијации, асоцијации на лекари итн.“

изјави Сулејман Рушити, шеф на изборниот штаб на ДПА.
Иако партиите тврдат дека кампањата се уште не почнала, од невладината организација МОСТ, веќе предупредија за предизборниот старт на кампањата. Оттаму уште еднаш упатија апел до партиите да ги почитуваат законските одредби:

„МОСТ апелира да се почитуваат одредбите од изборниот законик, посебно членот 74 кој го регулира времетраењето на кампањата. Уште еднаш се повикуваат надлежните органи да преземат мерки против прекршителите на законските одредби.“

изјави Славица Билјарска, портпарол на МОСТ.
XS
SM
MD
LG