Достапни линкови

Несериозно барање штетно за црквата и државата


Претседателот Бранко Црвенковски деновиве треба да одлучи дали да му одобри аболиција на расчинетиот владика Зоран Вранишковски. Ова од него писмено го побара српскиот патријарх Павле, кој бара Вранишковски да не оди во затвор и вели дека само така може да продолжи дијалогот меѓу Македонската и Српската православна црква.

Од кабинетот на претседателот информираат дека одговорот на патријархот Павле ќе биде пратен овие денови. Шефот на државата Црвенковски излезе со став дека институтот аболиција е воспоставен и дефиниран во Уставот на Република Македонија со цел да се процени дека постои целисходност и корисност за државата.

Целосна аболиција на осудено лице, Претседател на држава може да даде само доколку е тоа од државен интерес, изјави Црвенковски
И Македонската православна црква смета дека ваквото барање на патријархот Павле е несериозно.

Тоа е еден потег со кој сакаат да направат инсталација на српска структура во РМ, изјави г.Тимотеј, портпарол на МПЦ.

„СПЦ сака да обезбеди легитимитет којшто лично сметам дека е штетен и за црквата и за државата. Но, решението е во рацете на претседателот, а не во рацете на Синодот и аргиереи. “

Според теологот Ивица Тодоров необјективното пренесување на проблемот што постои меѓу двете засегнати страни и нивното политизирање ја усложнува ситуацијата.

„Ако не се говори објективно и добронамерно, нештата се проблематизираат и медиумите почнуваат да се вмешуваат во проблемите на Балканот, коишто се минорни и треба да се решат. Треба да сме одговорни и пред својот народ и пред соседите. Треба да бидеме христијани, ако се декларираме како такви.“

Од друга страна пак, прогласувањето на независност на Црна Гора го поставува прашањето дали одвојувањето на Црногорската црква ќе влијае на односите меѓу српската,македонската и црногорската црква? Според Тодоров,потребно е да се испита структурата и составот и целите на црквата што се нарекува Црногорска.
XS
SM
MD
LG