Достапни линкови

Владо Димов, министер за здравство: Реформите во здравството мора да се спроведуваат, а резултатите наскоро ќе се видат


Министре, реформите во здравството се најавуваа пред повеќе од 10 години, колку што и трае агонијата во здравството. Незадоволни пациенти од една страна, незадоволни лекари од друга. Вие сте првиот министер кој од зборови премина на дела, односно отпочна процесот на приватизација на дел од јавното здравство. Какви се првичните резултатите?

Оваа година периодот го искористивме за донесување на неопходните закони промени кои требаше да го овозможат овој процес. Промени во делот на регулативата кои одредуваат кои делови од јавното здравство треба да се менуваат и делот во управувањето на Фондот за здравствено осигурување. Мислам дека сега всушност она што го правиме во наредните неколку месеци и она што ни претстои во наредниот период тоа е всушност имплементација на најавените промени, а тоа е концесионирање на примарното здравство, завршување со промените во стоматологијата, завршувањето со приватизацијата на аптеките и концесионирањето на аптеките кои што заради нерешената сопственост ќе се издаваат под концесија, така што мислам дека ако нешто е „добро“ во сето ова што подолго време не се спроведуваа реформите кај нас, тоа е што сепак имаме некакво првично искуство за тоа како тоа функционира во другите земји тој принцип и таа формула на реформи.

Министре, политичарите постојано повторуваат дека реформите ќе бидат болни меѓутоа дека истите се неминовни. Значи ли тоа дека можеби пациентите ќе останат без лекови, а лекарите без работа?

Реформите се реформи и тоа е процес кој носи промени. Јас не би ги нарекол реформите дека се болни. Реформите се неопходни, тие пред се бараат од оние кои што ги спроведуваат, најчесто политиката, да биде внимателна кон реформите бидејќи способноста доаѓа до израз со тоа што треба да се обидете да го сочувате она што го имате и да се обидете да го направите да работи во подобри услови меѓутоа рационално. Ако ме прашувате што очекувам од реформите? Очекувам спротивно, позадоволни пациенти бидејќи сега имаат и треба да имаат многу поголеми права од она што го имале порано, да го имаат основното право на избор. Тие имаат право да бидат задоволни, имаат право на тоа да не бидат задоволни и да го променат својот доктор, како што и докторите имаат право ако даваат подобри услови и ако пациентите се позадоволни од нив да се разликуваат едни меѓу други.

Го спомнавте проблемот со ситуацијата и условите во здравствените установи преку таа вообичаена слика на немање на реагенси, материјали за работа, лоши хигиенски услови, стара апаратура и слично. Кога конечно ваквата слика во здравството ќе се промени?

Бидејќи овие основни работи, кои што ги кажувате, главно се однесуваат на болниците, мислам дека главната работа која што е направена тоа е воведувањето на буџетите. Немавме никаква илузија дека воведувањето на буџетите во самиот почеток веднаш ќе доведе до идеална состојба, до идеална промена, меѓутоа ако гледаме од аспект на тоа што значат буџетите за здравствените институции тоа е фактички круцијалната промена што е направена. Она што досега ни се случуваше, здравствените институции работеа буквално без буџети и кога ќе го завршеа крајот на годината се наоѓаа во „чудо,, колкави загуби се направени. За буџетите да профункционираат како што треба им фали основниот дел кој што сега се подготвува, а тоа се договорите кои што точно со секоја здравствена институција ќе се однесуваат за какви услуги, колкав број на интервенции, прегледи, операции или било кој друг вид на интервенција во текот на една година предивдува една болница и во тој буџет ќе бидат сместени точно под број сите оние услуги кои што треба да се направат. И втората причина заради која што сеуште неможат да се видат резултатите, е тоа што буџетите сепак кога се формулирани, се формулирани историски. Значи, земено е три години наназад колку трошеле здравствените институции, колку во тој период наплатиле, а не колку побарувале. Во овој период имаме и проблеми кои што ни се јавуваат во делот на промена на енергијата. Вие знаете ние сме калкулирале една цена за енергија, а сега е сосема друга. Ме прашавте каква е состојбата во поглед на инфраструктурата, во поглед на мидицинската технологија и инструменти кои што се внатре, тоа е сосема јасно дека во тој дел ако има финансирање на програмите државата мора да го најде својот дел бидејќи здравствените институции преставуваат имот на државата и како такви тие во делот на изградбата, во делот наподобрување на инфраструктурата, во инвестициите во новите медицински технологии, тука е предвидено дека учеството на државата треба да биде поголемо, како и во делот на решавањето на долговите. Мора да биде утврден буџетот кој треба да биде најмалку 4% поголемо од претходната година, тоа е гаранција дека ќе имаме здравство кое ќе се базира на реални средства и реален развој.

Ја споменавте потребата од нови инвестиции во здравство, на кое што многу пати укажува и апелира Светската банка. Меѓутоа неодамна изјавивте дека парите од продажбата на градските аптеки ќе бидат искористени за санирање на долговите во здравството и за зголемување на платите, од каде тогаш ќе се најдат пари за нови инвестиции?

Би сакал да ја искористам оваа прилика за да кажам дека, отсекогаш единствената идеа која што сум ја имал со продажбата на аптеките и со средствата кои што ќе се креираат и кои што ќе бидат остварени од таа продажба, никогаш не сум споменал дека тие треба да бидат искористени во делот на платите. Платите мора да се обезбедуваат од тековното работење и од тековно финансирање на Фондот за здравство, бидејќи ако ги има тие средства, тоа може да се обезбеди, а ако ги нема неможете вие еднократно да земете и да ги потрошите парите од аптеките, и да го доведете во прашање процесот како можност за зголемување на платите. Значи, средствата од аптеките, односно средства, јас би рекол од приватизацијата на здравствените уставнови треба да бидаст исклучиво наменети за враќање на долговите. Постојат најрзлични можности да се финансира долгот во здравството, бидејќи и добар дел од долгот е создаден и заради обврска на државата.

На другите средства за финансирање, мислите и на донациите?

Видете, донации во секое здравство, секогаш постојат. Меѓутоа донациите не се она на што ние ќе го базираме развојот на македонското здравство. Тие се секогаш добредојдени меѓутоа донациите се нешто што може да ни подобри одредена состојба, меѓутоа она што го планираме и на што преземаме како обврска како држава дека треба да го направиме, тоа може да се базира исклучиво на реални и стабилни услови на финаснирање. Тоа се условите од прибирање на средствата во Фондот за здравствено осигурување и она што го предвидуваме како контрибуција на централниот буџет. Во Европа тешко ќе најдете земја каде што централниот буџет нема значајна улога во финансирањето на здравството.

Последните испитувања на Бирото за лекови покажаа дека само дел од фармацевтските индустрии во Македонија работат според европските критериуми за квалитет на лекови. Што ќе се случи со оние другите, ќе бидат ли можеби санкционирани оние фармацевтски индустрии кои сеуште произведуваат, а не ги задоволуваат таквите критериуми?

Воведовме ако се сеќавате, контрола на секоја увезена серија или произведена серија на лек со што ја зголемивме многу кратно контролата која што навистина не постоеше, меѓутоа на Македонија во овој момент она што сериозно и фали е што е во сериозна програма за да се реализира тоа е да се обезбеди референтна лабораторија во Македонија која што ќе го покрие тој дел, односно би рекол ќе ги покрие повеќе сомневањата отколку реалноста, бидејќи македонските фабрики за лекови извезуваат во повеќе земји во светот, сериозни земји, во кој што неверувам дека се увезуваат лекови туку така, за да можат да се посомневам во нивниот квалитет.

Кога сме на тема лекови, кога конечно ќе профункционира лекот со доплата или т.н. референтни цени на лековите?

На следниот Управен одбор на Фондот за здравствено осигурување ќе се усвои методологијата на референтните цени и методологијата на единствени цени во Македонија, со тоа што секој лек што ќе се продава во иднина ќе биде со единствена цена.

Еден од приоритетите на здравствената стратегија која што неодамна ја усвои Владата е модернизирање на јавното здравство во согласност со ЕУ стандардите. Имајќи ги в предвид сите проблеми кои што веќе ги начнавме, министре како може една сиромшна земја како што е Македонија да се приближи на високите медицински стандарди на богатите европски земји?

Споредбата на Македонија и на македонскиот буџет со земјите од ЕУ и она што тие можат да си дозволат да го трошат и доведување на знак на еднаквост, тоа е илузија и тоа мислам дека на секого му е јасно и тоа може да го употребува некој кој мисли да ,,продава“ само политика. Тоа е едната работа. Меѓутоа правењето на максимумот во условите во кои што ние ги имаме тоа е друга работа. Јас и сега тврдам дека иако разликата во македонскито буџет за здравство и на пример во словенечкиот буџет за здравство е деветкратно или осумкратно да бидам попрецизен, тоа не значи дека тие имаат, осум пати подобро здравство. Значи имаат нормално повисок стандард за здравството, меѓутоа исто така велам дека нашето здравство е многу поблиску до еден према осум, бидејќи ние имаме здравствени работници кои што го имаат тој квалитет. Она што е заостанување е можеби во делот на медицинската технологија, во делот на лековите би рекол дека можеби во таквите земји има и нерационално трошење на лекови, така што таа разлика во цена која што се јавува не значи дека е разлика во квалитет. Мислам дека иднината на македонското здравство е пред се внатре во сопствените резерви, во зголеменото учество на државата и одење напред во услови на промена на статусот на државата во која што реално е и да се очекува дека и економијата ќе има свој развиток во идниот период и дека и тоа ќе даде свој одраз во понатамошниот развој.
XS
SM
MD
LG