Достапни линкови

По одвојувањето на Црна Гора, шансите за Косово да остане во Србија се скоро никакви


Како црногорскиот референдум ќе влијае врз стабилноста во регионот и каде ќе бидат границите на Европската Унија на југоситочниот дел од Континентот. Каков ќе биде статусот на Косово и од каде идејата за референдум во Република Српска. Ова се дел од прашањата на кои одговара Ева Грос, аналитичарка во Центарот за Европски политички студии во Брисел:

Постојат многу предизвици за Црна Гора по нејзината референдумска одлука да се издвои од заедничката држава со Србија, вели аналитичарката од Брисел Ева Грос според која, сепак, главниот ќе биде економски, односно намалување на невработеноста.

„Не мислам дека би можело да избувне насилство. Можеме да очекуваме релативно мирен развод. За тоа постојат најмалку две причини: Првиот: нема етничка нетрпеливост како што имаше во другите балкански држави, а вториот е европската перспектива на Црна Гора. “

Вели Грос, додавајќи дека степенот на приближувањето на Црна Гора и на Србија кон Европската Унија треба да се оценува посебно од земја до земја. Во врска со најавената можност за референдум за отцептување на Република Српска од Босна и Херцеговина таа оценува:

„Во овој момент такво нешто е целосно нереално. Тоа нема никаква политичка основа и воопшто е невозможно да се реализира во блиска иднина.“

Според Ева Грос црногорскиот референдум ќе има влијание на состојбите во регион:

„Најмногу ќе влијае врз разговорите за статусот на Косово. Соединетите Држави сакаат овие разговори да завршат до крајот на годинава. Шансите Косово да остане во рамките на Србија сега се скоро никакви.“

Вели аналитичарката Грос, наведувајќи дека, според досегашниот тек на работите Косово би добила еден вид независност со силно присуство на меѓународната заедница. На прашањето за тоа каде би биле границите на Европската Унија на југоистокот на Континентот таа со одговор:

„Процесот на приближување и интеграција на Западен Балкан е прилично јасен. Нема сомневања дека границите на Европа ќе го вклучуваат и Балканот. Прашање е кога тоа ќе се случи. Од државите во регионот само Хрватска е службено кандидат. За Македонија се уште не е одреден датумот кога преговорите за членство ќе почнат. Другите земји постепено ќе им се приклучуваат. Членството е далеку, но можноста постои.“

Вели Ева Грос, аналитичарка во Центарот за Европски политички студии во Брисел, наведувајќи дека Европската Унија, без оглед на актуелните расправи за проширувањето, цврсто ветила дека е подготтвена да ги прифати земјите од Западен Балкан доколку тие ги спроведат потребните реформи.
XS
SM
MD
LG