Достапни линкови

logo-print

Гласачите најчесто се определуваат за партијата која се претпоставува дека ќе победи


Секој човек сака да биде на страната на победниците. Вака експертите ја објаснуваат појавата кога на денот на изборите, дел од неопределените граѓани гласаат за политичкиот субјект за кој се претпоставува дека ќе победи. Професорот Илија Ацески од Филозовскиот факултет во Скопје објаснува дека никој не сака по завршувањето на изборите да чувствува вина поради тоа што е на страната на губитниците. Ваквата појава им е добро позната на политичките лидери и тие не ретко го злоупотребуваат тоа:

„Го знаат тоа лидерите и политичките партии и затоа ја загреваат таа атмосфера на победници. Самите партии кога не се профилирани повеќе одат кон еден би рекол навивачки дух, самите елити ја подгреваат таа атмосфера во која велат, еве ние сме тие кои ќе победиме и би било добро секој граѓанин на Македонија да се определи за нас бидејќи ние сме тие кои што ќе победиме. Тоа е основа на едно психолошко размислување.“


Вели Ацески.
Тој не го отфрлува и влијанието на општествените фактори врз индиферентноста на граѓаните во однос на политичкиот избор.
И според политичкиот аналитичар Хисен Рамадани, појавата на незаинтересирано и неопределено гласачко тело кое на денот на изборите гласа за фаворитот, не е случајна и таа најмногу се должи на непостоењето на иделогија во партиските ориентации:

„Десните се однесуваат лево, левите се однесуваат како десни. Де факто една неснаодливост и конфузност за самите граѓани околу тоа која партија што профилира и кој е нејзиниот политички профил и што се нејзини политички краткорочни и долгорочни определби.“

објаснува Рамадани. Дел од граѓаните велат дека најчесто гласаат по свое сопствено убедување, но разочарани од претходните искуства, велат дека би излегле на избори само за да го поништатат гласачкото ливче:

„Ќе гласам според свое мислење.“
„Ќе одам, но ќе го прешкртам гласачкото ливче. Толку сум огорчена бидејќи 15 години не лажат, не лажат и нема каде.“


Експертите велат дека иако процентот на неопределени гласачи не е мал, не смее да се заборави фактот дека тие се отпорни на политиката. Тоа велат тие значи дека во последниот момент најголемиот дел од нив се одлучуваат да гласаат.
XS
SM
MD
LG