Достапни линкови

Комбинација на соработка и цврсти закани за Техеран да се откаже од нуклеарната програма


Светските сили синоќа во Виена се согласија околу пакетот иницијативи и казни во обидот да го убедат Иран да ги запре нуклеарните активности. Станува збор за, како што беше соопштено по состанокот, своевидна комбинација на понудена соработка и цврсти закани за Техеран.

Шефовите на дипломатиите на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации и на Германија, според она што беше оценето по нивниот состанок во Виена, успеале да се согласат околу далекусежните предлози.

„Веруваме дека тие му нудат на Иран шанса, преку преговори, да дојде до договор, базиран врз соработка.“

Изјави британската министерка за надворешни работи Маргарет Бекет, додавајќи дека во спротивно ќе биде побарана акција од Советот за безбедност:

„Подготвени сме да ги продолжиме преговорите доколку Иран ги прекине сите активности за збогатување ураниум и доколку ги исполни барањата на Меѓународната агенција за атомска енергија.“

Министерката Бекет притоа го повика Техеран да направи конкретен избор:

„Пред нас се два пата. Го повикуваме Иран да го избере позитивниот пат и сериозно да ги разгледа нашите предлози кои ќе му донесат значајни бенефиции.“

Соопшти министерката за надворешни работи на Британија Маргарет Бекет која беше во придружба на преостанатите петмина нејзини колеги и на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Хавиер Солана по завршувањето на нивниот состанок во Виена. До средбата дојде ден откако Соединетите Држави, во едно од, како што се оценува, најголемите политички свртувања, понуди да им се придружи на европските земји во разговорите со Иран. Единствен услов за тоа е Техеран да се откаже од збогатувањето ураниум. Официјален Вашингтон веднаш изрази задоволство од синоќешниот договор во Виена. Според неименувани извори во американската администрација, сега на Иран ќе му биде поставен рок до кој треба да одговори на понудата. Станува збор за недели, а не за месеци, изјави американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон. Москва и Пекинг кои пак, како што се дознава, би можеле да се вклучат во евентуалните преговотри, изразија оптимизам дека новиот план ќе доведе до договор со Техеран.
XS
SM
MD
LG