Достапни линкови

Регионален самит за културно поврзување на балканските земји


Во Опатија денеска и утре се одржува регионален самит посветен на културното поврзување на балканските земји. Од кабинетот на хрватскиот претседател Стипе Месиќ кој е домаќин на средбата велат дека таа ќе биде искористена и за разгледување на целокупнтата соработка во регионот.

Комуникација на наследството, нова визија за Југоисточна Европа е темата на дводневниот самит што ги собра претседателите на шест балкански земји: Хрватска, Македонија, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура и генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис.

„Се разработува темата за регионална културна соработка која се уште е делумна и несуштинска, во голем дел зависна од меѓународната заедница, како во финансиска, така и во организациона смисла.“

Вели советничката за култура на хрватскиот претседател Маја Разовиќ, наведувајќи дека намерата била зацврстување на соработката на земјите кои имаат амбиции да влезат во Европската Унија во заштитата на културното наследство во регионот како дел од цивилизациските вредности.

„Сите овие земји, па и ние, во таа силна желба што поскоро да стигнеме во Европа, повеќе сме фокусирани врз Запад и врз европските интеграции, односно врз соработката и продлабочувањето на врските со оној дел на светот за каде што се стремиме. Треба да се нагласи дека и во обединета Европа ние географски ќе останеме на истото место, со истото опкружување, со истите соседи со кои треба да ја продолжуваме, но и да ја развиваваме културната соработка.“

Наведува за Радио Слободна Европа Маја Разовиќ, советничка за култура на хрватскиот претседател Стипе Месиќ. На самитот, како што е најавено, посебно ќе стане збор за консолидирање на знаењето преку новите технологии, и такнаречените културен туризам и индустрија. Културната соработка во светот, според Нада Швоб Џокиќ од Институтот за меѓународни односи во Загреб, се повеќе станува работа на индивидуална комуникација:

„Се повеќе и повеќе станува збор за комуникација меѓу луѓето. Целиот процес се индивидуализира. Тоа го овозможуваат новите технологии. Можете со помош на интернет или со добра телевизиска или радио размена да постигнете многу луѓето да ги заинтересирате за некоја културна вредност.“

Вели Нада Швоб Џокиќ додавајќи дека сегашната соработка, која се сведува на некое гостување со кое се сака да се презентира некаква државна, официјална културна вредност или политика не може да биде доволно ефикасно во зацврстувањето на регионалната комуникација. Инаку, на самитот во Опатија се очекува да биде усвоена Стратегијата за зачувување и корситење на културните коридори во Југоисточна Европа, која предвидува воспоставување регионална мрежа за поттикнување на развојот и за откривање нови можности за подобро меѓусебно разбирање во регионот.
XS
SM
MD
LG