Достапни линкови

logo-print

Нема опасност од промени на границите на Балканот по референдумот во Црна Гора


Нема опасност од промени на границите на Балканот, посебно по најсвежото ревидирање на териториите на овие простори со стекнувањето на независност на Црна Гора, вели професорот од Правниот факултет Владо Поповски. Напротив стекнатиот суверенитет и желбата на граѓаните за создавање на демократска држава само може да придонесе за стабилизација на овие простори:

„Прво, нема промени на границите на Балканот, спротивно на меѓународните норми. Второ, издвојувањето на Црна Гора, Србија и Црна Гора претходно сочинуваа една држава, сега и едната и другата стануваат самостојни и суверени, па мислам дека тој процес ќе го стабилизира Балканот. Ќе го стабилизира во таа смисла што Владите ќе се свртат кон интересите на своите граѓани и своите земји,“

вели Поповски кој додава дека ниту мултиетиничката средина на овие простори, која во минатото се покажа како една од главните причини за конфликти неможе да влијае врз безбедноста во регионот. Самиот мешан состав на населението на Балканот, вклучувајќи ја и Црна Гора, сам по себе не е фактор за судири, забележува професор Поповски.

„Веројатно, фактори се други елементи, како на пример евентуално нерамноправната положба на граѓаните по етничка основа. Мислам дека Црна Гора е демократска држава, и мислам дека не може некој надвор од тоа рацио да се однесува.“

На сосема слично мислење е и аналитичарот Ибрахим Мехмети кој вели дека промената на границите пред се влијае од свеста на граѓаните и определбата на државите дали ќе развиваат демократски општества. Тој во дезинтеграцијата на земјите од поранешна Југославија гледа токму демократски определби.

„Сигурноста на границите во внатрешна смисла мислам дека зависат ов волјата на граѓаните кои живеат во таа државна заедница и нивната способност да ги уредат односите, кога се работи за повеќе етнички општества,“

изјавува Мехмети. Експертите се убедени дека најактуелната ситуација со референдумот и одвојувањето на Црна Гора од Србија што се случи на мирен начин покажува своевидна еволуција за разлика од минатото.
XS
SM
MD
LG