Достапни линкови

Црногорската одлука може само да ја зацврсти одлуката на косоварите да излезат од Србија


Какви проблеми ја очекуваат најмладата држава во Европа и каква е иднината на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ се само некои од прашањата на кои за Радио Слободна Европа одговара Гералд Кнаус, директор за Западен Балкан во Иницијативата за европска стабилност.

Во почетокот Гералд Кнаус образлага зошто нема страхување од некакви судири на територијата на Црна Гора.

„Дури и меѓу противниците на независноста постоеше консензус дека Црна Гора има право да решава што ќе направи. Затоа и беше договорен начинот: референдум. Резултатот е тука и не гледам причини за страхување.“

Вели Кнаус кој изразува надеж дека сега може да се очекува Европската Унија да и даде повеќе внимание на напорите на Подгорица да стане членка на Унијата.

„Се надевам дека така и ќе биде. Мислам дека во последните години во Европската Унија не и се посветуваше големо внимание на Црна Гора, туку на Косово. Меѓутоа, сметам дека со ова почнува една нова фаза во која Црна Гора ќе биде ставена под лупа токму како и Македонија, Хрватска или Босна.“

Според Кнаус, Црна Гора постигнала многу и затоа заслужува да и се помогне. Во врска со наводите на противниците на премиерот Мило Ѓукановиќ дека тој, освен за неговиот наблизок круг, не успеал да им го подобри животот на црногорците Кнаус вели:

„Навистина не знам што се случува на внатрешен план во таа земја. јас само знам дека ако се гледа однадвор, Црна Гора е во подобра положба од Србија. Не знам каква ќе биде кариерата на одделни личности. Големо е прашањето дали Ѓукановиќ и неговата партија ќе профитираат од референдумот.“

Герлад Кнаус ги отфрла тезите за некакви компензации од типот Србија ја загуби Црна Гора и затоа сега би требало да ја добие Република Српска или да го задржи Косово:

„Тоа би било апсурд. Косово се решава независно од Црна Гора, а компензацијата е категорија која не игра никаква улога во сите овие случувања. Што се однесува до Косово, црногорската одлука би можело само да ја зацврсти одлуката на косовораите да излезат од Србија.“

Вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, Гералд Кнаус, директор за Западен Балкан во Иницијативата за европска стабилност.
XS
SM
MD
LG