Достапни линкови

Ниту граѓаните, ниту експертите не веруваат дека тоа ќе се оствари


Партиите ја започнаа изборната кампања. Социјалдемократите ветија зголемување на пензиите за 10 насто. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, понуди два дена бесплатен интернет за граѓаните. Иако партиите се правдаат дека не се работи за предизборен маркетинг, граѓаните со спротивен став:

„Тоа е предизборна кампања за да гласаме за нив.“
„Само гласаме, а постојано не лажат и не веруваме“
„Ништо не верувам, бидејќи ништо не е оствариливо. Сите ветуваат, а никој не исполнува.“
„Никому не верувам, сите лажат.“


Пензионерите пак не веруваат дека ветеното зголемување на пензиите ќе биде исполнето. Имајќи го предвид искуство од претходните години, пензиите ќе останат исти, се жалат тие:

„Ништо не исполнуваат. Секоја година не лажат дека пензиите ќе ги зголемат и по 20 денари ни ги зголемуваат.“

Сепак постојат и такви кои веруваат дека предизборните ветувања на двете најголеми партии во земјава, имаат капацитет да го остварат ветеното:

„Не само што верувам, туку тоа е обврска да се оствари. Зависи од успесите што ќе се постигнат во текот на оваа и во наредните години.“

И економските аналитичари се согласуваат дека економските мерки кои ги нудат партиите се обид за добивање на гласови:

„Генерално можам да кажам дека тоа се едни програмски определби, меѓутоа начинот, средствата и носителите како тоа ќе го имплементираат е повеќе од интересно. Лично сум скептичен дека тоа е можно да се постигне.“

изјави Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Дали овие ветувања на партиите ќе се реализираат или не, најмногу ќе зависи од
волјата на партиите, велат од Сојузот на стопанските комори:

„Дали економската програма ќе биде реалност или само политички маркетинг, ќе зависи токму од посветеноста и од желбата на идната Влада во реализацијата на самата економска програма. Притисокот од приватниот и граѓанскиот сектор за реализација на тоа што било ветено пред изборите, е исто така важно.“

вели Владимир Матевски од Сојузот на стопански комори.
Повеќето граѓани со кои разговаравме велат дека им е доста од празните ветувања на партиите и оти на претстојните избори најверојатно ќе апстинираат.
XS
SM
MD
LG