Достапни линкови

logo-print

Градоначалниците и ДИК си ја префрлаат одговорноста


Граѓанската асоцијација МОСТ ги повика надлежните органи да ги санкционират општините кои сеуште не ги објавиле локациите каде што е дозволено да се истакнуваат плакати на учесниците на претстојните парламентарни избори. Мост се повикува на членот 78 од Изборниот законик според кој општините и Градот Скопје се должни да ги објават условите за добивање право за користење на местата за истакнување изборни плакати најдоцна 50 дена пред одржувањето на изборите:

,,Се знае дека според член 184 од законикот, со парична казна од 40 000 до 50 000 денари треба да биде казнето одговорното лице во општината, односно Градот Скопје ако не утврди места за лепење плакати без надоместок и не изврши нивно обележување за секој подносител на листи одделно.“

назначува извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов.
Општините кои не ја исполниле оваа законска обврска велат дека тоа ќе го направат откако ДИК ќе достави барање до нив. Надлежните во некои од овие општини велат дека самиот закон е контрадикторен зошто не можат да овозможат подеднаква застапеност на сите учесници на изборите на рекламните паноа додека не бидат познати изборните листи.

,,И оваа година ние сме спремни за поставување на тие паноа. Се обратив до општинската комисија, општинската комисија ми кажа дека се обратила до ДИК , до Скопје и му кажале дека сеуште не се утврдени некои листи и дека треба да се причека околу поставувањето на рекламните паноа. Локациите ни се одредени. Локациите ни се одредени, материјалот го имаме, треба да знаеме колку паноа да се постават и за колку партии.,,

објаснува Никола Миљовски од општина Ресен.
ДИК во овој случај се прогласи за ненадлежна и ја потврдува обврската на општините да им овозможат на учесниците во изборниот процес подеднакво да искористат простор за рекламирање:

,,Ова е надлежност на општинските изборни комисии и на Градот Скопје, а не на ДИК. Според тоа тие треба сами да си определат места каде што ќе може да се врши истакнување на листи на кандидати или на кандидати кои што се учесници во изборниот процесс.,,

вели портпаролот на ДИК, Зоран Таневски.
Законскиот рок за објавување на локациите за истакнување изборни плакати до сега го исполниле само општините Струмица, Дојран, Гевгелија, Велес, Крушево и Прилеп. Кампањата ќе започне 20 дена пред денот на изборите, а тогаш учесниците на изборите ќе смеат да ги истакнат и своите рекламни паноа на определените локации.
XS
SM
MD
LG