Достапни линкови

Владата да одвои средства, а земјоделците да се здружат во ефикасни здруженија, велат експертите


Македонија претендира да биде земјоделска држава, а земјоделците со своите проблеми секојдневно се на вестите. Последни неделава беа струмичките земјоделци кои имаат проблем со пласманот на краставиците.

„Не се продаваат, нема цени. Пет денари килограм краставици, неможе да се исплати ни струја, ни давачки.“

Вака го објаснува својот проблем Стојан Митев земјоделец од селото Бориево.
За лошиот пласман кој на Стојан му придонесува и за финански лош живот се виновни повеќе фактори вели пензионираниот професор од Земјоделскиот факултет, агроекономистот Борис Јанакиев. Според него од една страна Владата би можела да стори нешто повеќе за нив:

„Владата треба од буџетот да издвои повеќе средства да ги подржува оние производи кои имаат национална предност. Јас постојано викам дека извозот треба да се подржува на соодветен начин и особено нас ни се предност градинарските производи, овоштарството, лозарството и тутунот. Ние сега на пример имаме можност да издвојуваме некаде 16-17 милиони евра, а ние издвојуваме само 10-тина милиони евра.“

Од друга страна вели Јанакиев, од голема помош за пласманот на производите би требале да бидат земјоделските здруженија:

„Ние имаме примери каде претседателите на здруженија шетаат со парите од членарината, а ништо не направија да формираат како што законот дозволува, свои претпријатија или трговски друштва кои ќе обезбедат набавка на евтин репроматеријал, повраток на ДДВ и влијание на пазарот преку организиран пристап на земјоделците. Откупувачот оди кај секој земјоделец поединечно и го уценува, а кога ќе се јави цело село со еден преговарач и ќе му постави услови, тогаш не ќе може да се прави тоа.“

Струмичките земјоделци имаат здружение. Но, неговиот претседател Ванчо Митев вели дека тие не може да направат ништо:

„Стоката ја имаме на дланка, само да имаме пласман. Да има еден човек што ќе обезбеди пласман за Русија или Словенија и ќе се реши проблемот. Меѓутоа со нас никој не сака да разговара.“

Тој обвинува и дека сите државни институции ги игнорираат:

„До сега не сме поканети на ниту една саемска манифестација како здружение, или пак да не покани некој од државата. Немаме никаква реклама надвор во светот.“

Во меѓувреме додека здруженијата се чувствуваат немоќни, а државата не презема конкретни мерки земјоделците својот род го фрлаат во реките или го газат по патиштата.И животот на Стојан од Бориево останува ист.
XS
SM
MD
LG