Достапни линкови

Смртта на шест члена на едно семејство во Индонезија најзагрижувачки момент од појавата на болеста


Светската здравствена организација соопшти дека смртта од птичји грип на шест членови на едно семејство од Индонезија е најзагрижувачкиот момент од појавата на болеста пред три години. Имено, се стрхува дека тоа би можело да биде првиот знак оти болеста почнала да се пренесува од човек на човек.

Светската здравствена организација соопшти дека не може да се исклучи оти во случајот на шесттемина членови на едно семејство во Индонезија кои починале од птичји грип станува збор за пренесување на болеста од човек на човек. Во соопштението издадено во седиштето на оваа организација во Женева се наведува дека тоа може да се заклучи поради фактот што за прв пат ваква голема група заболува од опасната болест. Питер Кордингли, портпарол на Светкста здравствена организација за регионот на западен Пацифик изјави дека бројот на жртвите од Северна Суматра го сугерира токму ваквиот заклучок.

„Овој случај во Индонезија е можеби најзагрижувачкиот досега. Имаме многу голема група од седумина заразени, можеби и осумина. Досега немаме видено такво нешто.“

Изјави тој додавајќи дека тимот на Светската организација кој се наоѓа во Суматра е збунет:

„Имаме тим долу кој истражува и ние не можеме да најдеме никаков очигледен извор на инфекцијата. Нема заразена живина или пак прасиња. Ние сме збунети. Не знаеме како се заразиле луѓето. И втор како вирусот зафатил толку многу луѓе.“

Наведува Питер Кордингли кој додава:

„Се додека не го откриеме заедничкиот извор на инфекцијата, се дотогаш ние ова треба да го третираме како пренесување на болеста од човек на човек.“

Според него, сега е многу битно во Индонезија да се зголеми контролата на луѓето во околните региони каде што бил забележан овој случај. Сепак во изјавата на Светската здравствена организација се додава дека се уште не постојат цврсти докази оти вирусот Ха пет Ен еден мутирал и станал способен да се пренесува од човек на човек. Досега од птичјиот грип умреле над сто и дваесет луѓе, повеќето во Азија. Тие биле инфицирани во директен контакт со заболена живина.
XS
SM
MD
LG