Достапни линкови

Белград не е подготвен да се изјасни за идните потези во врска со Црна Гора


Официјален Белград засега, односно до објавувањето на конечните официјални резултати од црногорскиот референдум, не е подготвен да се изјасни за редоследот на идните потези, поврзани со процесот на раздвојување од Црна Гора. И додека новата балканска држава ќе бара меѓународен идентитет, се претпоставува дека почетниот потег за Србија би требало да биде усвојување декларација за нејзина независност.

Уставната повелба на Србија и Црна Гора, усвоена пред три години, предвидува, Србија, во случај на истапување на Црна Гора од државната заедница, да го наследи правото на меѓународен субјективитет и местото во Обединетите нации, но и сите меѓународни обврски. Исто така се наведува дека сите меѓународни документи кои се однесуваат на Сојузна Република Југославија, особено резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, да се однесува на Србија како наследник на поранешните држави.

„Ќе сториме се што е во наша моќ за стабилноста во регионот. Србија денес е република и, според меѓународното право, по црногорскиот референдум, Србија е наследник на сите права на државната заедница Србија и Црна Гора.“

изјави српскиот претседател Борис Тадиќ кој
наведе дека како шеф на државата ги прифаќа прелиминарните официјални резултати што ги објави црногорската референдумска комисија. Сите евентуални спорни прашања, како што предвидува Уставната повелба, ќе бидат решени меѓу државата следбеник и новата самостојна држава. Од друга страна, Црна Гора ќе мора да се пријави за членство во сите меѓународни организации. Поради тоа се очекува натамошно забавување на остварувањето на црногорската желба за пристап до Европската Унија.

„Уверен сум дека по Романија, Бугарија и Хрватска кои се на патот за полноправно членство во Европската Унија, Црна Гора бо можела да биде прва следна членка на Унијата од овој регион.“

Вели црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Еврокомесарот за проширување Оли Рен најави дека Европската комисија ќе препорача разговори за поблиски врски со новата балканска држава. Инаку, не се очекуваат поголеми проблеми во преговорите на двете држави со Унијата во економската сфера, бидејќи и веќе подолго време тие нив ги водат паралелно и одвоено. Српскиот министер за финансии Млаѓан Динкиќ вели:

„Ова е шанса за нов почеток. Единствено ме растажува тоа што никој за ништо не ги прашува српските граѓани.“

Претседателот на Уставниот суд на Србија Слободан Вучетиќ деновиве оцени дека, во случај на одвојување на Црна Гора, за неколку дена Србија, со измени на Законот за владата и со донесување декларација за прогласување независност би можело да се конституира како самостојна држава.
XS
SM
MD
LG