Достапни линкови

Среќно Елена – отпосле ќе си ги вадиме очите, тоа ни е во табиетот!


Македонија, од четвртокот вечерта, е во нинанајна состојба. Елена Ристеска мазно влезе во финалето на најгламурозната и едновремено најкичерајската музичка манифестација што се одржува на стариот континент. Манифестацијата на која веќе 51 година, европските племиња, си ги мерат аршините во тоа кој на кого ќе му удри чивија и кој со кого е во љубов неизмерна. Комшиска и братска. Меѓудржавна, маалска. И, ова особено, откако падна Берлинскиот ѕид и освестениот Исток смртоглаво не јурна кон западните квазипридобивки И здодевни приредби.

Нејсе, да си се вратиме ние на нашава нинанајна радост. Искрено, не дека не се радувавме. И, ќе се радуваме. И, повеќе од оној голманот кој во слободно време глуми премиер, та му текнало синчето дека треба приватно демек да си го однесе до Атина, да го бодрат девојчето и целата наша евровизиска екипа. Рака на срце, не дека му е лош гестот, ако е така како што велат неговите телали, арно ама зарем тој не го слуша свирежот од куршумите во неговото најтесно сокаче - среде Скопје. Пак велам, треба да се радуваме, оти на приредбата со ниту еден гест не покажавме дека сме инфериорни. Ниту со песната, ниту со танцот. А, згора И Еленчево е бонбонче. Дури неофицијално ја одбрале за најубава мома на Евросонг.

Ете во тоа е големината на радоста. Што можеме со кренато чело да ја истераме до крај работата. И, притоа во ниеден момент да не се прекориме дека не сме се потрудиле . Дека не сме го одработиле своето.

А, тоа што кујната таму наголемо работи И не е важно. Скраја да е, ако не пуштат да победиме, ќе не стават во дебела каша. Ќе треба да се завршИ салата. Градоначелникот да го батали пеењето И да си го среди градот, да се стегнат овие од МТВ...и така до бескрај.

Конечно денеска ништо, та ни француските референдуми И другите смешни прикаски за мали западнобалканци, нема да не спречат да бидеме дел од Европа. Затоа, напред Елена - цела нинајна Македонија е под Акропол со тебе. Отпосле ќе си ги вадиме очите. Тоа ни е во табиетот.
XS
SM
MD
LG