Достапни линкови

Неконкурентност поради немање бренд и високи цени


Неконкурентноста на македонските производи на странските пазари се должи на немање на бренд, како и на високите цени на нашите производи во однос на другите, се жалат домашните производители.

„Еден од основните проблеми за конкурентноста е високата цена на чинење на производот, пазарот е прилично отворен но се судруваме со висока конкуренција на пазарите. Квалитетот не е толку проблем, колку што е брендот.“

вели извршниот директор на Агроплод, Миодраг Потиќ

Економските аналитичари објаснуваат дека на Македонија и недостасува стратегија за градење на конкурентни домашни производи, а брзото решавање на овој проблем ќе значи излез од сите економски проблеми.

„Имаме мал домашен пазар кој самиот по себе ограничен како развоен ресурс. Единствен излез за Македонија, решение за сите проблеми е да го зголеми извозот. Колку ќе го зголеми извозот, толку ќе ги решава сите други свои внатрешни проблеми.“

вели Ванчо Узунов, професор по применета економија на Правниот факултет
Според него Македонија треба да инвестира во знаење и во технологија.

„Конкурентноста на светските пазари, не зависи од краткорочни решенија на макроекономската политика и на девизната политика, во смисла девалвација и такви мерки, бидејќи тие брзо се стопуваат и не даваат резултати. Треба да инвестираме пред се во знаење. Инвестиции во знаење, во технологија преку трансфер на технологија од надвор, а секогаш јас посебно нагласувам дека е потребно да се инвестира во знаење на менаџери.“

Потребата од примена на современи технолошки методи, како и создавањето на електронски бизниси кои своите производи ќе ги продаваат и преку интернет го истакнуваат и странските претставници во земјава.

„Гледаме дека развојот и експанзијата во овој сектор е многу интересен и важен и треба да работите во таа насока. На пример гледаме дека многу шишиња вино, добро спакувани се извезуваат, и наместо литар вино да се продава за 15 денари, на странскиот пазар за истото шише ќе добиете 100 денари. И ако тој процес се развие исто како и електронскиот бизнис или ако повеќето индустрии се здружат, тоа ќе биде само чекор кон модерна и попродуктивна економија која се надеваме дека ќе ја постигнете, изјави директорот на Американската агенција за меѓународен развој во земјава,“

рече Дик Голдман.

Според последниот извештај на Светскиот економски форум, Македонија се наоѓа на 86 место по деловна конкурентност.
XS
SM
MD
LG