Достапни линкови

Тројца загинати и шестмина повредени


Тројца загинати и шестмина повредени е билансот од вчерашната престрелка во Чаир што се случила нешто пред полноќ околу 23 часот и 45 минути. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, напаѓачите отвориле оган од возило во движење врз интернет кафето ,,21,, што се наоѓало на улица „Стојна Стефкова“ во Чаир.

Во моментот кога бил отворен оган врз интернет кафето, во него се наоѓале повеќе лица што при што биле повредени вкупно деветмина од кои тројца починале. Од здобиените повреди починале двајца малолетници браќата Енис Исмаили 17 годин и Енѓин Исмаили 14 години, како и Ибиши Раметула 20 годишен сите од Скопје.

Меѓу повредените двајца се здобиле со потешки повреди и се пренесени во Градската болница. Сите се вон животна опасност, информира за нивната состојба директорот на Градската болница Божин Ефтимов:

„Четворица се примени во нашата болница. Се работи за двајца потешко повредени и двајца со полесни телесни повреди, но сите се вон животна опасност. Пациентите се хируршки збринети.“

Вели Ефтимов.
Возилото од кое е отворен оган врз интернет кафето во МВР се води како непознато, а се движело од правец на улицата „Стојна Стефкова“ кон улицата „Цветан Димов“ во Чаир. Анализите на стручните екипи кои на местото на настанот извршија увид, покажуваат дека од интернет кафулето било возвратено на огнот. Причините за инцидентот сеуште не се познати.

Во скопската општина Чаир, освен вчерашниот настан, само пред една недела експлодираа две бомби кашикари, но за среќа освен материјални штети немаше повредени или загинати. Во оваа општина се случуваат најголемиот број од инциденти во Скопје. Градоначалникот на Чаир Изет Меџити, смета дека неколку изолирани инциденти, меѓу кои и вчерашниот не влијаат на безбедноста во општината:

„Неможе да се каже врз основа на тој инцидент дека Чаир е небезбеден. Ги има овие инциденти и во другите општини не само во Чаир. Имаше и во Прилеп и во другите скопски општини инциденти.“

Потенцира Меџити. Со процесот на децентрализација во општините требаше се формираат локални полицајци кои ќе се грижат за безбедноста. Меџити е согласен дека тоа ќе помогне во подобрувањето на сигурноста во општините:

„Мислам дека ќе придонесе и требаше наскоро да има децентрализација и во таа област.“

Инаку со овој процес се доцни поради сеуште недонесениот закон за полиција.
XS
SM
MD
LG