Достапни линкови

Контроверзи и повици на протести


Не многу често некој роман и филмот што е правен според него предизвикуваат контроверзи во светот. Но, тоа токму се случува со Кодот на Да Винчи, филм кој вчера ја доживеа светкста премиера на Канскиот фестивал и кој силно е критикуван од христијанските свештеници. Некои од нив повикаа на протести, слично како што муслиманите демонстрираа против карикатурите на Мухамед.

Срцето на Кодот на Да Винчи, книгата на американскиот писател Ден Браун е измислена приказна за она за кое христијаните веруваат дека е нешто најсвето. Таа накусо оди вака: две илјади години Римокатоличката црква презела се што можела, вклучувајќи и убиства за да ја прикрие тајната: Исус Христос, спротивно на црковните учења, бил оженат со Марија Магдалена и имал деца. Нивните потомци живеат и денес.

„Вие сте во војна за заштита на тајната, толку моќна што доколку биде откриена, може да ги уништи корените на човештвото. Сведоци сме на најјголемото прикривање во човечката историја.“

Ова е дел од најавата на филмот кој предизвика остри реакции, вклучувајќи ги и оние на Ватикан. Џон Ален е американски новинар кој има напишано неколку книги за Светата Столица.

„До сега осумина високи претставници на Ватикан јавно го критикуваа Кодот на Да Винчи на еден или на друг начин. Тоа е малку невообичаено, бидејќи Ватикан не ги коментира делата од поп културата, романите, филмовите. Но, очигледно кога продавате четириесет и пет милиони примероци од таа книга и кога се очекува филмот да стане многу гледан, тогаш тоа не може да се игнорира.“

Во минатата недела, Анџело Амато, еден од блиските соработници на Папата Бенедикт Шеснаесети оцени дека филмот бил полн со антихристијански лаги и ги повика верниците да го бојкотираат. Тој додаде дека ако таквите лаги биле насочени против Куранот или Холокаустот тие ќе предизвикаа светски бунт. Слични се ставовите и на православните свештеници. Сето тоа ги поттикна секуларните аналитичари да се запрашаат дали христијанските цркви повикуваат на глобален бунт сличен, на оној на муслиманите по повод објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед.

„Сосема сум сигурен дека надбискупот Амато не мислел на насилство, палења на автомобили и така нешто слично. Мислам дека тој мислел на реафирмацијата на христијанскиот идентитет и на основните вредности на верата.“

Вели писателот Ален. Истовремено има мислења дека дека филмот може позитивно да влијае врз црквата и нејзиното верување на Запад. Отец Џон Ваук свештеник во организацијата Опус Деи во Рим вели:

„Сигурен сум дека има и такви кои ќе речат оти Црквата, критикувајќи ги книгата и филмот, им направи услуга на авторот Браун, на продуцентската компанија Сони и на режисерот Хоуард. Но работите можат да се гледаат и поинаку. Браун, критикувајќи ја црквата, и прави голема услуга.“

Вели отец Ваук, прецизирајќи дека на ваков начин за Црквата и христијанството ќе дознаат и оние што никогаш не биле заитресирани за нив.
XS
SM
MD
LG