Достапни линкови

Декларациите за фер избори само на хартија


Повеќето од претставниците на политичките партии, сметаат дека потпишувањето на Декларации за фер избори што е пракса во државава пред речиси секои избори, е само декларативен чин, а дека одговорноста во нивното демократско спроведување ја имаат учесниците во овој процес. Во оваа насока тие ја коментираат и денешната лидерска средба со Претседателот на државава Бранко Црвенковски и потпишувањето на Декларацијата пред претстојните парламентарни избори.

Во опозицоната ВМРО ДПМНЕ сметаат дека покрај останатите учесници, власта сепак ќе ја има најголемата одговорност во спроведувањето на изборите што се бара од нас по стекнувањето на кандидатскиот статус:

„Тoа е огромна одговорност на сите политички партии, меѓутоа посебно на владеачките партии да придонесат во Македонија да се организираат фер и демократски избори.“

изјавува Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ.

И во ВМРО Народна партија која не учествува на денешната лидерска средба, но ќе ја потпише Декларацијата за фер избори, велат дека во пракса ваквите собири не покажале резултати. Жарко Караџовски од оваа партија потенцира:

„Има еден куп вакви Декларации кои се потпишуваат на секои избори, а искуствата и праксата покажуваат дека многу мала улога одиграле. Се зависи пред се од власта, од граѓаните и од политичките претставници.“

Во владеачката СДСМ пак, реплицираат на забелешката на опозицијата дека власта ќе ја има најголемата улога во спроведувањето на регуларни избори. Оттаму потенцираат дека макар и декларативни ги подржуваат ваквите собири, како денешниот со претседателот Црвенковски:

„Владеачките партии секако имаат одреден свој дел во одговорноста, меѓутоа сите исто така имаа одговорност, но најлесно е вината да се префрли на владеачките партии.“

изјавува Борис Кондарко од СДСМ.

Во нивниот коалиционен партнер, Демократската Унија за интеграција, како еден од битните сегменти во обидот да спроведеме регуларни избори, ја потенцираат и улогата на делување меѓу членството внатре во самите партии. Рафиз Алити потпретседател на ДУИ вели:


„Овие Декларации повеќе се морална обврска, што значи дека сите политички лидери треба да влијаат на своите структури.“

На денешната лидерска средба со претседателот Црвенковски присуствуваат и амбасадорите на Соединетите држави Џилијан Миловановиќ, на ЕУ Ерван Фуере, и на ОБСЕ Карлош Паиш. Претходно Црвенковски на тема избори одржа средби и со верските претставници, со градоначалниците и новинарите.
XS
SM
MD
LG