Достапни линкови

Уште една нова држава на Балканот, нема да има импликации врз регионот, велат експертите


Претстојниот референдум за независност во Црна Гора е индикатор дека процесот на дезинтеграција на Балканот сеуште не е завршен, сметаат експертите кои во оваа насока го потенцираат и процесот на решавање на финалниот статус на Косово. Евентуалната успешност на референдумот и создавањето на нова држава на Балканот нема да има пошироки импликации врз регионот, посебно врз Македонија. Но, одвојувањето на Црна Гора сигурно ќе има пошироко влијание врз Србија, коментира професорот од Философскиот факултет Биљана Ванковска:

„Нема да има директни импликации на државаните врз регионот. Македонија и досега воспоставува на еден начин парадржавни односи со Црна Гора и тука негледам некој проблем иако има еден број на странски аналитичари кои кога прашањето на Црна Гора го доведуваат во контекст со Косово, прогнозираат дека тоа може да предизвика ланчана реакција внатре во самата Србија во смисла на она што ќе се случува во Санџак или дури и Војводина.“

Има ли простор за стравување и поголеми последици врз регионот, доколку референдумот за независност на Црна Гора не успее. Професор Ванковска забележува:

„Тогаш ќе има една би рекла понаелектризирана ситуација помеѓу оние што се за независност и оние што не се. Со сила убавина небива така што и односите со Србија верувам дека ќе се радикализираат дополнително, меѓутоа тука ќе биде пресудна улогата на Европската Унија.“

вели професор Ванковска.
Аналитичарот Хисен Рамадани пак, во закажаниот референдум за независност на Црна Гора гледа начин за решавање на еден проблем и крај за турбуленциите на Балканот:

„Мислам дека Косово и Црна Гора се последните остатоци од оние турбулентни движења кои Балканот постојано го држеа во едни стресна состојба со повремени амплитуди.“

потенцира Рамадани.
Референудмот за идниот статус на Црна Гора е закажан за в недела 21 мај. Ставот на македонската Влада што го пренесуваат од министерството за надворешни работи е дека Македонија очекува престојниот референдум со препораките на ЕУ. Притоа Македонија ќе ја почитува демократски изразената воља на граѓаните на Црна Гора, велат од МНР.
XS
SM
MD
LG